ГРУЕВСКИ: ЛОКВЕНЕЦ ЌЕ ГЛАСА ЗА МАРЈАН РИСТЕСКИ

– Татко му на Хари Локвенец го поддржува Марјан Ристески, рече премиерот Никола Груевски, претставувајќи го кандидатот за градоначалник на општинава и актуелниот градоначалник Марјан Ристески.

– Не за џабе, татко му на овој Локвенец го поддржува Марјан, а не Хари. Еве во весникот човекот си дал, значи татко му не му верува, па не вие да му верувате. Си го знае син му, добар си е за дома, ама за Прилеп многу ќе му биде. Знае, искусен е, постар човек. Не сака градот да му се уназади, да му застане, да го плукаат и да му викаат по улици после, татко си му, што не му кажеш вака, што не го оствари ова. Бегај, си вели, ќе имам мака, си го знам детево какво е. Ај дома нека не прелажува, ама сега цел Прилеп да го излаже, како ќе излезам на улица – рече Груевски.

Тој ги критикуваше сите проекти на СДСМ и Локвенец.

– СДСМ и Хари Локвенец во Прилеп ќе градат 500 нови микроакумулации, а во цела Македонија има 70. И да е вистина, овој проект ќе чини од 300 до 500 милиони евра. Тие микроакумулации не можат да се изградат со повеќемандатни буџети на целата централна власт, а не со буџетот на Прилеп – истакна премиерот.

Според него, проектот Локвенец и соработниците го препишале од нечиј, магистерски труд објавен во 1980 година.

Груевски ја најави безрезервната поддршка од Владата за сите проекти на кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ, актуелниот градоначалник  Марјан Ристески, доколку добие и трет мандат од граѓаните.

– Независно кој за кого гласал, Марјан работеше за сите. Реализира проекти на сите да им помогнат. Беше еден за сите, и таков ќе остане. Заедно можеме да направиме повеќе дела. Народот научи дека од политичарите постојано се бараат дела. По тоа се разликуваме од СДСМ – рече Груевски.

Спроведеното е доказ дека со таква работа и ќе продолжат.

– Само во една година 12 милиони евра влегуваат за тутунот во Прилеп. Со СДСМ во 2005-та година, нула. Тоа е разликата меѓу нас. За СДСМ земјоделците беа шеста класа. Во оваа држава треба да има средства за сите, и за земјоделците и за социјалците, и за пензионерите… – рече Груевски.

Премиерот потсети на огромниот број остварени проекти  во Прилеп. Владата избрала во Прилеп да се гради слободна економска зона, за многу работни места, за привлекување компании за што се залага Веле Самак.

НА МАРКОВИ КУЛИ НЕМА СНЕГ ЗА АЛПИНИЗАМ

Груевски рече дека СДСМ ветуваат оти во Прилеп ќе развиваат зимски туризам, но не кажуваат како.

– На Маркови кули снег не се има задржано со години. Како ќе прават зимски туризам? Нормално имаат грешки кога програмата  е правена за 6 дена – истакна претседателот на владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ нудел издржана програма за потребите на сите граѓани.

Loading