СВЕТЛЕЧКИ ПАНОА И ДРВЕНИ ТЕЗГИ НА ПЛОШТАД

Светлечки паноа со слики од минатото, поставени се околу секое ново насадено дрво на плоштадот “Методија Андонов – Ченто”. Освен збогатување на колоритност и илуминацијата на просторот, како и можноста да се раскаже низ фотографии урбаната сторија за градот, каков бил некогаш и сега, поставувањето на “тотемите” ќе има двоен ефект. Го разубавува просторот, но и ги заштитува нежните фиданки кои допрва треба да зајакнат на пролетното сонце. Цилиндрите високи 1,5 метри се простор и за добра реклама, бидејќи се наоѓаат во фреквентен дел и на линијата на движење на граѓаните, особено во пазарните денови кога плочникот врие како кошница.

Зафатот чини 500 илјади денари.

Унифицирани дрвени амбиентални тезги за продажба на сувенири ќе се поставуваат на плоштадот. Станува збор за 20 продажни места, на кои дел од малостопанствениците ќе продаваат на отворено ракотворби и предмети со градски мотиви за сеќавање на туристите при посетата на градот.

Инвестицијата го чини градот околу 250 илјади денари.

Тезгите се проекција на архитектите во рамките на обновата на градскиот плоштад, што се облагородува со клупи, корпи за отпадоци, табли за информирање, жардењери и друга урбана опрема. Просторот ќе се декорира и со раскошно зеленило.

Loading