ПРИЛЕПСКА ГИМНАЗИЈАЛКА – ЕВРОПРАТЕНИК ВО АНГЛИЈА

Ангела Димеска, четврта година во Гимназијата “Мирче Ацев”, е  една од петте претставници на симулацијата на Европски Парламент во Норвич, Англија. На изборот претходела собраниска симулација на ЕП во гимназијата НОВА во Скопје на ученици од 10 приватни и 10 државни гимназии. Се правеле комитети од 20 ученици кои  биле одредена членка на ЕУ или земја кандидат. Парламентот го отвориле шведскиот и словенечкиот амбасадор.

Меѓу тројцата прилепски кандидати распределени во комитетите за полова рамноправност, економија и надворешни работи, Ангела била најдобра. Била претставник на Португалија за надворешни работи со тема “Дали треба да се поддржат движењата за самоопределување”. Во тридневната  агенда, најбитен бил ораторскиот дел на бранење на  резолуција.

За Ангела, дипломатијата е игра со зборови, односно, не е она што ќе го кажеш, туку како ќе се каже. Со заплеткани реченици, двосмислени зборови и дипломатски речник со кој никој не се чувствувал повреден, резолуцијата на тимот на Ангела била изгласана. Димеска лукаво, поставувала прашања на другите учесници, за кои тие не биле подготвени да одговорат. При изборот за учесник на симулацијата на ЕП во Англија, се гледале и најситните детали. Пристојна облека, став и движење, гестикулации, почитување на ситните правила и прописи од вистинскиот Европарламент, што било пресудно да биде избрана за патник за седумдневен престој во Норвич. Заедно со претставници од сите членки и земји со кандидатски статус на ЕУ, ќе ја брани позицијата на Македонија на тема “Правда и закони”. Главниот дел, односно ораторските способности ќе се истакнуваат во британскиот Долен Дом или Хоусе оф Цоммонс.

Не í се потребни подготовки  на нашата “пратеничка”, зашто одлично ја знае и историјата и ги следи општествените глобални збиднувања. Затоа ќе бара соодветен факултет каде би го продолжила образованието. 

Loading