МАРТИНКА ЗА АМАЈЛИЈА

Во ОУ “Рампо Левката”

Се сеќаваме на мартинките како еден мал украс кој нашите родители, тетки или баби го закачувале или пак врзувале на облеката и сме го носеле од 1 март до крајот на месецот. Некои веруваат дека таа се става и на 14 март. Мартинката е украс од коноп во црвена и бела боја. Таа е симбол на Баба Марта, познат како предвесник на пролетта. Црвената и белата боја алудираат на желбата за добро здравје и знак на последните здивови на зимата. Некои сметаат дека црвената боја е крвта, а белата чистотата, друга, едната животот, а другата смртта, потоа доброто и злото, како и среќата и тагата. Еден обичај се толкува дека мартинката е подарок. Таа не се купува за себе, туку се дарува на најблиските и пријателите да се носи закачена за гардеробата или врзана околу дланката или околу вратот.

Се смета дека се отстранува со цветањето на првото дрво. Се одврзува и се закачува на стеблото. Има уште една приказна – кога ќе се здогледа првата ластовица се вади и веднаш се става под првиот бел камен. Во Бугарија ја вадат кога ќе го видат првиот штрк. Ја закачуваат на дрво, замислувајќи си желба.

Таква замисла имаше работилницата која веќе традиционално изработува мартинки во ОУ “Рампо Левката” на 1 март. Ученици од прво до петто одделение со вредните рачиња вешто и умешно ги плетеа црвенобелите мартинки со многу радост и  љубов.

Мартинките се најава на пролетта, на будењето на природата, асоцијација на радост и живот, на сé што се раѓа.

Loading