ВТОРПАТ ДА СЕ СОВЛАДА МЕТАЛУРГ

Ракомет: В недела Жито Прилеп има дерби

Шампионот е фаворит

В недела (13 ч.) отворање на спортската сезона во градов, со женското суперлигашко ракометно дерби, Жито Прилеп – Металург. Во арената “Сонце” се очекува бројна посета и навивачи кои ќе го бодрат домаќинот. Поддршката од трибините е нужна кога гостува голем фаворит, непобедливиот шампион од Скопје. Овој тим по згаснувањето на Кометал го презеде приматот и со леснотија “гази” се пред себе. Сепак, во Прилеп не се чувствува однапред како победник, бидејќи секогаш ќе го потсетува непријатниот пораз од пред три години во салата “Македонија”.

Токму домашниот терен, борбеноста, мотивацијата се фактори кои можат да бидат на страната од домаќинот. Во отсуство на натпревари ракометарките ќе дадат максимум. По гостувањето синоќа во Куманово, три дена подоцна еве нова можност за претставување на новиот тим со двете засилувања, бековите Јасмина Андонова од Вардар и Маја Ивановска од Куманово. Ако ништо повеќе дербито ќе биде тест да се види има ли некаков прогрес во играта на Жито Прилеп. Многу се вложува на овој план. Се тренираше нон – стоп во одлични услови и во клубот оправдано се надеваат на позитивен ефект, а на задутрешниот дуел тоа би значело во најмала рака – голем отпор.

За гледачите убава шанса да видат квалитетни ракометарки, репрезентативки, интернационалки. Жито Прилеп се спротивставува со Наумоска, Дурланова, Андонова, Ивановска, Шалевска, Стојановиќ, Серафимовска, Нацева, Цаневска, Аџулеска, Мркиќ, Бошковска, Крстевска, Мурговска… Металург ги најавува истите кои ремизираа (22-22) со хрватска Подравка: Антиќ, Јаломитеану, Мечевска, Гроздановска, Керамитчиева, Ѓорѓиева, Бајрамоска, Десподовска, Младеновска, Николиќ, Николовска, Саздовска, Ристовска, Митрова. Судии се Марија Илиева и Силвана Карбеска, делегат Камер Металари од Скопје.

Loading