РЕКРЕАТИВЕЦ ВО ПОГОН НА ПАРТИЗАН

Подвиг на Стефан Миладиновски

Стефан Миладиновски (20), сосема непознатиот за фудбалската јавност, успеал да се прибере во Б тимот на белградски Партизан. Во погонот Телеоптик во Земун, бил прифатен и тренирал два месеца под команда на четворица тренери, од кои главни се некогашните ѕвезди Вук Рашовиќ и Никица Клинчарски. Рекреативец меѓу професионалци, како успеа? Само преку татко му Добре Холцерот, цел живот облечен во црно – бело, со раширени раце прифатен од сите во Партизан.

– Бев на поседок кај тетка ми во Белград и добив идеја да се пробам, бидејќи од дете поминав во школите на Влавот, Кумето и Денис, но во сениорски тим не сум бил. Татко ми се слушна со економот Бранко Вучичевиќ – Гавран и без приговор ми одобрија. Октомври и ноември ги поминав во Б Партизан – вели Стефан.

Какви таленти не можат ни да се доближат до помали клубови, а не пак до погон на Партизан, каде тренираат само одбрани играчи. Има од цела Србија и од странство. Не е мала работа, туку подвиг на младиот и неискусен Стефан да се нафати да работи како големите професионалци. Секој ден освен недела на теренот во Земун, под режим на тренинг, исхрана. Одиграл три контроли на позиција стопер.

– Клинчарски се чудеше како издржував. Најтешко беше кога трчавме 40 минути без застој, со забавување и забрзување. Ми се допаднаа условите, дисциплината како војска, никој не смее да приговори, иако сите знаеја дека сум натрапник. Прифатен од сите, затоа ми беше жал што ми заврши престојот и морав да се вратам – истакнува Стефан.

Миладиновски вели дека Белград е големо искуство и не може лесно да се одлучи после сите погодности што ги виде да пристапи на некој домашен клуб.

Loading