ПЕХАР ЗА НАЈДОБРИОТ ВО 2012

В недела петти Избор на спортист според Зенит

Времето лета и веќе дојде на ред петтипат да прогласиме најдобар спортист. Одлучивме да биде најскромно што може, пред првенствениот натпревар од женската ракометна Супер лига Жито Прилеп – Металург, кој е закажан за в недела (13 ч.), во салата “Арена Сонце”.

Искрено да кажеме дека изборот не беше лесен од проста причина што спортот во градов падна на најниски гранки и резултатите се далеку од посакуваните. Некогаш борбата беше да се влезе меѓу десетте најдобри, а сега се радуваме, ако барем еден – единствен се издвои со некаков забележителен настап.

Да не бидеме погрешно разбрани, ни малку не сакаме вината да ја фрлиме врз спортистите, туку ќе мораме да се согласиме дека новото време донесе такви околности каде главниот град од година во година стигна до недостижна предност пред останатите, кои одигруваат маргинална улога. Кој сака да гледа поквалитетен репрезентативен фудбал со амбиент од 30 илјади гледачи мора да оди во Скопје, спектакли од ракомет, кошарка пред 10 илјади, пак таму и навистина до кога така без партиципација на провинцијата.

Како и да е, собравме сили за петтиот Избор според Зенит. Доделуваме пехар за спортистот, а тренерки од претпријатието за производство и продажба на спортска опрема ЏСЕЛ СПОРТ за најсреќниот гледач. Потсетуваме на претходните четири избори ги наградивме фудбалерите Илија Несторовски и Филип Мирчески, борачот Стојанче Тушески, ракометарките Цветанка Срњакова, Тања Шалевска, Дијана Наумоска, каратистките Верица Трајкоска, Зорица Спиркоска и параглајдеристот Мартин Јованоски.

Loading