ДОАЃА ОХРИД

Фудбал

Стартува второлигашката фудбалска сезона и по напорните подготовки, в сабота (14 ч.) седмопласираната Победа јуниор го дочекува 13-от Охрид. Логично е да се прогнозира полн погодок и три бода, со оглед на пласманите и исходот есеноска кога крај Езерото со 1-2 славеше прилепскиот состав. Стручнаците се умерени.

– Атакуваме на триумф, но предвреме не ги пишуваме бодовите. Знаејќи каков е лош теренот, ќе имаме тешкотии против секој ривал, па и со Охрид – смета Златко Петрески, тренер.

Оптимизам влева формата градена низ подготовките. Од тест во тест играта се подобруваше, тоа го почувствуваа на свој грб ривалите. Прволигашот Напредок беше во соборен со 3-0 преку двата гола на Петрески и еден на Чешелкоски, а после резервниот состав на Победа јуниор попушти и дозволи пораз од 4-3. Во неделата со 9-0 е постигната победа над третолигашот Партизан во Обршани.

– Цел е што повисоко на табелата. Важно е за самодоверба да се добие премиерниот пролетен меч – истакнува Петрески.

Составот на Победа нема да е комплетен, без казнетите Апостоловски и Здравески, а новиот напаѓач Синиша Станковски од Пелистер стекнува право во април.

Корзо во Миравци

Јавноста најмногу очекува од Корзо, тим кој есеноска падна на 14-то место, но зимава доведе звучни имиња. Новиот состав може да победи секого и секаде. Оттука и надежта за бод или три на утрешното гостување во Миравци. Убаво е да се врати со иста мерка за есенскиот несреќен пораз 0-1 во Прилеп.

Осмопласираниот 11 Октомври утре оди офанзивно кај соседот Новаци.

 

Loading