ВОЗОВИ МЕСТО ПАЈТОНИ

Дамнешна е традицијата на железнички превоз во градов. Уште за Првата светска војна Прилеп бил железнички поврзан со Битола и со Велес, а оттаму со Скопје и Солун. Со години била градена тесната линија што минувала крај Плетвар, каде и денеска сведочи старата железничка станица. Позната е приказната за дилемите на тогашните инженери за совладување на височината на Плетвар со силата на јагленот и дрвата во парната локомотива. Инженерите биле сомничави, но еден ја направил трасата на пругата според патиштата на совладување на височината на движењето на магарето. Како магарето се искачувало за Плетвар, така се исцртувала пругата и се освојувал превојот.

Меѓу двете светски војни Прилеп бил модерно поврзан уште еднаш со денешниот железнички коловоз за Велес преку селото Гостиражни, па тунелот над него, и по течението на реката Бабуна, Богомила и месноста Азот. Новата линија била современо решение кое и денес се експлоатира. Тесната пруга над Плетвар била напуштена и заменета со стандардните и европските димензии на растјанието меѓу шините. Зашто и вагоните, и локомотивите веќе се произведувале по нови, пошироки норми. Дали тие биле колку американските пруги, односно колку римските патишта кои биле мерки за европските и за американските железници, не се знае. Се знае дека побрзата комуникација ги препородила економски и културно градовите и селата распослани во македонската житница, Пелагонија. Луѓето почесто се движеле кон поголемите градови, се развивала трговијата, се пренесувале со вагоните вишоците земјоделски производи и влегувала “подмачкано” индустријализацијата. Само пајтонџиите чувствувале зијан. Им паднала атрактивноста, поради побрзите превози со воз во другите градови и во некои од селата поврзани со железницата. 

Loading