Параглајдерство
Параглајдеристите во прецизно слетување на ППК Делта, Миле, Мартин и Борјан Јованоски тренираат за новиот предизвик годинава, светското првенство во Сараево, Б и Х, на Бјелашница. Го изнесуваат јавно својот став околу приоритетите на државата во финансирањето, поддршката на спортовите. На пример, споредбата е фудбал – параглајдерство, ракомет – параглајдерство.
– Толку многу сакавме ракомет, медал од Светско, но ништо од тоа. Сакаме и фудбал. Многу нешта треба да се сменат. Сите како Македонци, како Прилепчани, треба да видиме во што повеќе нî бива, во што можеме – смета Миле Јованоски.
Дилемите одамна постојат и практично секој влече на своја страна. Големите спортови бараат поддршка со традицијата, публиката, масовноста и афирмацијата на државата низ странските медиуми со појавувањето на некој европски или светски самит. Малите спортови играат на друга карта, на шансите за освојување трофеи. Параглајдеристите досега каде се појавуваа – успеваа.
– На најнова светска ранг листа во параглајдерство, меѓу 100 најдобри се четворица Македонци.Првите тројца сме од ППК Делта. Мартин е на 21, јас на 39, Борјан на 41 место. Македонија била и 2. место на светска листа, поединечно Мартин на прво, со четири светски рекорди и медал од светско. И тоа со малку вложување – истакнува Миле Јованоски.