Корзо
Нема шега со засилениот состав на второлигашот Корзо. Први почувствуваа ривалите на пријателските средби. Прволигашот Напредок го положи оружјето со 1-0, по голот на новиот Томче Мижоров. Имаше и поништен гол на Гелов да не биде срамот поголем за Кичевчани. Фаворитот го призна поразот, а коментарите на неутралниот терен во Охрид беа дека со овој состав Корзо без проблем ќе собира бодови и бргу ќе се вивне нагоре од 14-то место на табелата.
Зимските подготовки победоносно влегуваат во завршница. Претходно Корзо со 4-2 го совлада Врапчиште, а на стартот од серијата со 2-0 е надиграно Братство Житоше. До отворањето на првенството тренерот Зоран Штерјовски посакува уште некоја проверка. Во опција е соседниот прволигаш Пелистер. Алтернативи се 11 Октомври и Победа јуниор.
Оптимизмот преовладува во клубот. Корзо станува предвреме “хит”, а може само да се претпостави како ќе биде од март натаму. Нека се замислат противниците. Почетокот е на гости во Миравци, после доаѓа Новаци, па патување кај Маџари и се така со ред до конечната цел – опстанокот.