Секаде каде федерацијата за училишни спортови организира натпревар, гимназијата “Мирче Ацев” ја праќа елитата. Исходот е секогаш со медали и високи позиции. Најсвеж пример е Денко Манчески од четврта година, кој на годинешниов натпревар на Пелистер го освоил третото место во конкуренција од 20 учесници од трета и четврта година. Придружуван бил од уште четири соученици и професорот по физичко и ментор Даниел Василески.
Штом проодел, Манчески се качил на скиите. Татку му го бодрел и учел од три ипол години до ден денес. На натпреварот каде учествувале над 150 учесници од цела Македонија, Денко во техниката велеслалом се борел и со густата магла и со подмрзната патека, за која вели дека е добра само за искршеници. За успехот, доволен му бил само еден ден подготовки на Копанки.
Долгогодишното скијање и последниов успех, на Денко му создала идеја за отворање на ски – клуб во Прилеп, зашто вели дека има над илјада активни скијачи кои се “жедни” за домашен клуб. Нашиов град не изобилува со погодни ски терени, па на ум му се блиските Крушево и Битола, а за професионалците и терените во Грција.
За да не чека од сезона до сезона со скијањето, Денко има друга пасија – “летна”. Тоа е возењето на крос мотори. Го бидува за тоа и годинава со душа чека да се отвори полигонот кај селото Лагово, каде веќе се создаваат услови за “беснеење” на коњските сили на крос моторите. Ги поседува сите реквизити за овој динамичен спорт. Со искуството од година ипол кај крос моторите, се надева на учество во добар балкански натпревар, на наш терен, кој би се одржал годинава.
Размислувањата за високо образование му одат во спротивна насока од спортувањето. Ја сака математиката, па се дума на кој факултет за информатички науки да се запише.