НАВИВАЧКИ СОБИРИ

Историја

Пред децении, кога навивањето не беше бизнис, туку од срце симпатии за Победа, навивачите секој ден се собираа на повеќе места. Се групираа на прометните места, во чаршијата, кај најзагреаните. Не поминуваше ден без состанок во слаткарницата на Геле, во продавниците за сирење на Блаже, во Стоковната кај Блаже касиерот,  во берберниците и дуќаните… Како серијата “Вело мисто” за Хајдук, можеше да се сними таква посветена на Победа.

Неколку места низ чаршијата не затвораа по работното време, туку светлото навечер светеше уште барем еден час за навивачите. Кој нов дошол, кој заминал, која постава ја пробал тренерот на тренинг, сите важни информации беа земени предвид за анализа. Имаше и жестоки расправии, особено кога не í одеше на екипата. Едни беа да се брка тренерот, играчите или управата преку петиции, други се противеа на такви мерки. По победите цела недела сите насмеани, ведри и со мисла дека “вака да играме нема кој да не тепа”.

Последна сезона на функционирање на навивачите по стариот систем беше второлигашката 1987/88, за потоа од година во година трибините почнаа да се празнат и темата Победа да биде се поретка меѓу граѓаните на Прилеп.

Loading