НАША БРУС ЛИ “РАСТУРА” НИЗ СРБИЈА

Во ОУ “Гоце Делчев”

Наталија Кочоска има девет години, а веќе зад себе има две награди за карате од меѓународни првенства во Србија. За древно источната вештина, која бара брз ум и брзи, отсечни движења, Наталија се “заљубила” од шест години, кога гледала карате филм. И се бендисал спортот и се запишала во КК “Гоце Делчев”.

Појасите ги менувала со “светлосна” брзина, па жолтиот веднаш станал портокалов, па следел црвен, за сега на кимоното да има кафеав. Кај да е, ќе го опаша и најјакиот – црниот.

Минатата недела, била во Лесковац, Србија и во борба во кати со три противничи, две од Србија и една од Холандија, го освоила првото место. Имало натпреварувачки од Србија, Македонија, Албанија, Грција, Холандија… Според неа, клучни за златниот медал биле телесната цврстина и јаките удари во категоријата кати до 11 години. И лани била на меѓународен натпревар во српскиот град Власотинце, каде го освоила второто место.

Им ја има “земено мерата” на натпреварите во Србија, па сега се подготвува за два натпревари во април, во Суботица.

Наталија кажува дека за натпреварите, прво изведуваат кати во клубот, а од таму одлучуваат кој ќе оди на натпревар.

Трите тренинзи во клубот, не í се товар да биде одлична ученичка со сите петки и да е ѕвезда на татамите и во нејзиното одделение 4 – б. Толку í лежи каратето, што вежба и дома.    

Loading