11 Октомври
Младата екипа на 11 Октомври не се помирува со осмото место во есенскиот дел од второлигашкото првенство. За напролет најавува обид за надополнување на загубеното. Во клубот владее поволна клима и заеднички став дека со овој надежен тим може похрабро да се тргне кон горниот дел од табелата.
– Не се оптоваруваме со невозможно, туку со реалното. Ако добро стартуваме во Новаци и земеме залет, ќе стигнеме до бараж – вели Тони Наумоски, тренерот.
Младите добро се носеа со многу повозрасните во противничките екипи. Добредојдено е искуството од првите 15 кола. Мотив плус, претставуваат обезбедените услови од управата. Играчите ќе бидат наградени за секој успешен настап. За беспрекорни подготовки, ќе се користи теренот во Мало Коњари.
– Благодарност до ФК Млекар. На соработката ќе возвратиме со позајмување играчи – најавува Наумоски.
Тестовите привршуваат. По минималниот пораз 1-0 од српскиот суперлигаш БСК Борча во Охрид, совладано е Братство Житоше со 3-0, со головите на Наумоски, Г. Здравески и Шаркоски. Денеска е дуелот со Тополчани, в недела со Борец.