Во Гимназијата
“Препознавање и развој на надарени и талентирани ученици во семејството и училиштето” беше темата на трибината во СОУ “Мирче Ацев”. Д-р Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет во Охрид, на голем број родители, професори, директори на училишта, ученици, претставници на БРО, а и градоначалникот Марјан Ристески ги истакна клучните фактори за распознавање на талентираните.
– Нужен е посебен третман на надарените ученици во образовните институции, зашто тоа е од значење и за ученици и за општеството. Затоа е потребна имплементација на законските норми од ЕУ во македонската легислатива.
Во вториот дел се доделија благодарници за гимназијалците кои освоиле прво, второ или трето место на државните натпревари. За спортските успеси благодарници добија: Мартин Николовски за прво место во натпревар во шах, Ангела Стојаноска за прво место во стрелаштво, Мишела Димоска, првак во карате, екипата во состав: Ивона Јованоска (капитен), Антонио Филипоски, Теодора Попорданоска, Јане Џумеркоски, Симона Трајческа, Марија Јованоска, Андреј Габроски и Јован Белакапоски за првото место во натпреварот за прва медицинска помош, Маријана Димоска за второ место во карате, Бојан Димески за второ место во карате, за второто место во футсал на Гимназијадата – Прилеп 2012 г. екипата составена од: Јорданчо Наумоски, Лоренцо Николоски, Марко Спиркоски, Дејан Златески, Андреј Хаџи – Попоски, Бојан Стојкоски, Стефан Иваноски, Андреј Тодороски, Дарко Ѓорѓиоски, Горан Здравески, а за трето место во карате – Марија Зероска. Ментори на спортистите им биле професорите Бранко Дисоски, Даниел Василески, Орде Цветаноски и Гоце Ѓорѓиоски.
За наука и уметност наградени беа: Теодора Кочоска за златниот медал на саемот Макинова и третото место за младите истражувачи, Андреј Богатиноски за второто место на натпреварот за млади истражувачи по астрономија, Данче Недеска со првото место за млади истражувачи по математика, Стефан Николоски за второто место на натпреварот по математика, Мимоза Насеска за првото место во натпреварот по астрономија, Михаела Анѓелеска со второ место на натпреварот по хемија, Антониј Мијоски за прво место во натпревар по математика, трето место по информатика и трето место на Македонската математичка олимпијада, Теодора Јагуриноска со трет најдобар есеј, Теодора Сиљаноска за втор најдобар расказ во меѓународен натпревар и Филип Димкоски за најталентиран млад учесник на Мелничките вечери на поезијата во Бугарија и за првата награда за поезија на меѓународниот фестивал “Јанош Сивери” во Нови Сад. Сите наградени, освен Сиљаноска и Димкоски, наградите ги имаат добиено на државно ниво. За научниот дел ментори биле професорите Ана Велјаноска, Игор Димовски, Јорданка Чешелкоска, Кирил Јосифоски, Блаже Димески, Маријана Спиркоска, Анкица С. Јанческа, а за литературниот дел професорката Ленка Јованоска.
За најголем број од нив имаме пишувано во неделников, бидејќи според д-р Кеверески, на талентираните и надарени ученици треба да им се даде мотивација за натамошни успеси.