“СОНОТ НА ЦЕПЕНКО” НА СЦЕНА

Театар

“Сонот на Цепенко” во режија на Кирил Петрески е претставата која премиерно ќе ја прикаже театарот “Војдан Чернодрински” утревечер од 19.30 часот. Претставата е драматизација на творештвото на Марко Цепенков подготвена на режисерот, кој вели дека му било предизвик на сцена да го постави големиот македонски автор.

– Марко Цепенков со целокупното творештво што го собрал, а кое  истовремено е и дел од наследството на еден народ, е предизвик. Запишаните фантастични и реалистични приказни, народната поезија, клетви, детски игри… се производ на вековната традиција. Народниот дух собран пред сто години, го донесувам во денешни рамки и преку претставата ги раскажувам на современ јазик. Претставата е ,,Сонот на Цепенко,, затоа што е замислена да се случува во еден замислен свет, сон на авторот, во еден бесконечен циклус на спирала и никогаш да не завршува – вели Петрески.

Главната приказна ќе е за Силјан Штркот.

– Приказната за Силјан Штркот е темел во делото на Цепенков. Мислам дека таа е негов авторски производ. Врз оваа приказна се додадени народните песни, клетви.. кои рамноправно учествуваат во нарацијата. Ќе ја раскажеме  приказната преку колективна игра, музика и танц, каде што најмногу работеше кореографот Миладиноски. Задоволен сум од енергијата и посветеноста на актерската екипа. Таа се вложи сосема со цела дарба, со сето срце и душа да создаде поинаков театарски јазик и израз. Претставата е комбинација во бесконечно многуте комбинации и варијации – додава режисерот.

Ќе играат Игор Трпче, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Никола Настоски, Димитар Црцороски, Марија Спиркоска – Илиеска, Јасмина Мицовска – Станкоска, Александар Тодески и Катерина Чакмакоска. Кореографијата е на Кире Миладиноски, сценографијата на Зоран Николовски, костимографијата  на Даниела Настоска, а автор на музиката е групата Чалгија Саунд Систем.

Ова е прва премиера на НУЦК “Марко Цепенков” годинава, за кога се планирани уште три со поддршка на Министерството за култура.

Loading