СЕ ГОТВИ ПОДЗЕМЕН КАТАСТАР

Електронски географски информативен систем поставува општината заедно со ЈП Водовод и канализација (“ВиК”). Станува збор за поставување на темел за електронски подземен катастар.

– Досега во компјутерскиот систем со соодветна програма се внесени и обработени податоци за околу 60 отсто од мрежата на “ВиК”. Имаме преглед на инфраструктурата под земјата, што ќе ни овозможи побрзо и поедноставно отстранување на дефекти, но и за преземање на идни зафати. Со системот ќе знаеме каде се наоѓа секој вентил, секоја цевка или шахта, колкави се димензиите на цевките, длабочината, материјалот, вкрстувањата и сите други потребни податоци – вели Сашко Николоски, директор од ЈП “ВиК”.

Со овој систем, придобивките ќе бидат повеќекратни, пред сé побрзо ќе се пронаоѓаат дефектите и ќе се интервенира. Паралелно, во системот треба да се внесуваат и податоците за мрежите на кабелските оператори и на ЕВН, со цел да се комплетира подземната база.

Општината е пионер во имплементацијата на овој систем, со кој ќе се има целосен преглед на подземната инфраструктура на градот.

Loading