Успешна реализација доживеа манифестацијата “Школите во музеите и музеите во школите”, поттикната од Министерството за култура, а спроведена од Заводот и музеј.
Флора Ѓорѓиоска, Деспина Башеска, Озѓан Сулејманоски, Божидар Цветкоски под менторство на наставничките Јагода Волческа и Светлана Петкоска од ОУ “Добре Јованоски” премиерно настапиле пред камера и го освоиле првото место. Учениците одлично соработуваале, предизвикот го сфатиле сериозно и се внесле во улогите како вистински актери. Давале идеи, забелешки и работеле напорно, а со тоа на сите им ја олеснувале работата. Не го штеделе ни времето, ни трудот, дури не го запоставиле ниту учењето.
Наставничките Лилјана Здравеска и Јулијана Талеска, со дел од учениците, членови на драмската секција од ОУ “Климент Охридски” биле реализатори на проектот. Театарската дружина со својот перформанс “Животот на село” добила второ место на натпреварот.
Ученичките Стефани Мажучанец, Сара Петкоска, Деспина Јосифоска, Христина Талеска и Јана Луческа со менторите Виолета Христоска и Лидија Котеска од ОУ “Блаже Конески” го освоиле третото место. Заводот и музеј, одобрил средства за првите три наградени тимови да снимат видео клип, долг десетина минути.
Ученичките – актерки објаснија дека прво го истражувале родниот крај, со акцент на социјалниот аспект на селата некогаш и сега, па заедно со менторките смислиле текст за перформансот насловен “Замисли го селото Дуње”.
Снимањето било на разни места во селото – крај чешма, на бунар, на нива… Без трема кадрите ги снимале на неколку наврати. Ја доловиле поентата на истражувањето и направиле патување во минатото и враќање во сегашноста, откривајќи колку не ја знаат историјата. На снимањето биле облечени во традиционални народни носии и се радувале на готовиот производ – филмот, снимен професионално, а се емитувал цела недела на локалната телевизија.
И од ОУ “Гоце Делчев” учествувале членови од драмската секција во два перформанса. Тие покажале голема заинтересираност и успеале да се претстават на автентичен начин за краток временски период. Искуствата, дружењето, размената на мислења биле од голема помош за сите, во надеж дека ќе продолжи соработката со Музејот.