Марјан Матракоски, раководител на Одделението за јавни дејности при ЛС
Ќе се гради ново подрачно училиште до петто одделение на ОУ “Рампо Левката” во урбаната заедница “Сточен пазар”, во кое ќе учат и деца од УЗ Жабино Маало со средства од Локалната самоуправа. Дали расте бројот на првачиња?
Прилеп продолжува да инвестира во училиштата и средствата планирани за 2013-та година и дел за 2014-та година наменети за капитални инвестиции се повисоки. Констатиравме потреба за градба на училиште во овие урбани заедници. Реално е да се изгради училиште во населбата “Сточен пазар”, за учениците од населбите “Сточен Пазар” и “Жабино маало”, иако Локалната самоуправа обезбедува превоз од 2005-та година до ОУ “Рампо Левката” и до ОУ “Климент Охридски”. Станува збор за деца до петто одделение. Да не патуваат, локалната самоуправа се погрижи да изгради училиште. Од прво до петто одделение таму има 127 ученици, а вкупната бројка е 190 ученици од прво до осмо одделение. Реално има потреба, следејќи го природниот прираст на населението. Училиштето е според барањата и потребите на жителите на урбаните заедници. Локалната самоуправа ќе го гради со сопствени средства. Тоа е крупен зафат за кој треба да се измени ДУП, и се надевам дека ќе биде готово во 2014 г.
За какво училиште станува збор?
Првичните пресметки се некаде околу 20 милиони денари евра и е во потполност со средства од ЛС. Ќе ги има урбанистичките стандарди за настава од прво до петто одделение, ќе има наставничка канцеларија, 5 училници, фискултурна сала, санитарни јазли и тн. и ќе биде училиште од тврда градба.
Ќе има ли инвестиции и во останатите училишта?
ЛС континуирано инвестира во сите ОУ и СОУ по приоритет. Проектите се наоѓаат до етапа на распишување тендер и наоѓање изведувачи. Во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане” почнуваме со инсталација на централно греење затоа што тоа е единствено централно училиште каде нема. Носител на проектот од 6,5 милиони денари е Министерството за образование и наука. Во ОУ “Гоце Делчев” ќе се санираат санитарните јазли за 2,5 милиони денари од МОН. За завршување на тениското игралиште обезбедени се пет милиони денари од Агенцијата за млади и спорт. Започнуваме и со градба на спортска сала во ОУ “Добре Јованоски”, за која обезбедени се 40 милиони денари со владината програма за 145 спортски сали. Станува збор за голема сала, како во СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, со што во градов ќе имаме две такви сали што е според потребите и можностите. Бидејќи, да се изгради сала мора да има простор од 1350 м2. За ОУ “Климент Охридски” се обезбедени два милиони денари, исклучиво средства од општината, за замена на внатрешните врати на училниците, за уредување на дворниот простор и санирање на подрачното училиште во селото Мажучиште. Ќе има инвестиции и во ОУ “Рампо Левката”. Со околу 650 илјади денари ќе го санираме спортското игралиште. Во ОУ “Блаже Конески” ќе се сменат санитарните јазли, а годинава ќе се вложува во подрачното училиште во Варош со обезбедени два милиони денари.
Ќе има вложувања во средните училишта?
Комплетно ќе се смени дограмата со 6,5 милиони денари од Министерството за образование во Гимназијата. За доградба на тениското игралиште од Агенцијата за млади и спорт се обезбедени пет милиони денари. Најмногу ќе се инвестира во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”. Таму ќе се менува столаријата за три милиони денари од министерството. Целосно ќе се санира стариот објект во дворот со 6,5 милиони денари од МОН. Ќе се употребат два милиони денари за новата фасада и за проширување на внатрешните скали, од ЛС. После завршувањето на салата во СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, продолжуваме со изградбата и на училишната сала во економското училиште во вредност од 24 милиони денари, која ќе биде помала и без трибини. За големата сала на СОУ “Ристе Ристески – Ричко” потребни се 40 милиони денари. За замена на надворешната столарија имаме пет милиони денари од МОН и ќе започнеме со градба на нови работилници за практична настава во вредност од два милиони денари од ЛС.
Што со СОУ “Орде Чопела” и “Ѓорче Петров”?
Во СОУ “Орде Чопела” приоритет е санацијата на спортското игралиште за милион денари исто како во ОУ “Добре Јованоски” со вештачка трева. Во СОУ “Ѓорче Петров” со два милиони денари од локалната самоуправа ќе имаме нова фасада. Дел од средствата се насочуваат за уредување на дворното место кое по изградбата на спортската сала е доста оштетено.
Колку средства се инвестирани до сега?
Откога е децентрализирано образованието имаме вложено шест милиони евра. Продолжуваме со капитални инвестиции. За наредната година ипол од Министерството за образование во основните училишта ќе влезат 43 милиони денари, од Агенцијата за млади и спорт – пет милиони денари и од ЛС седум милиони денари, плус сумата за новото училиште кај сточниот пазар. Во средното образование ќе имаме инвестиции од 85 милиони денари од министерството, пет милиони денари од агенцијата за млади и спорт и седум милини денари од локалната самоуправа. Вкупно околу 2,5 милиони евра. Се приближуваме до 10 милиони евра вложувања во образование од 2005-та година.
ВЛОЖУВАЊА И ВО СЕЛАТА Не се заборавени ниту населените места. Во подрачното училиште во Ерековци ќе се инвестираат 350 илјади денари за санитарните јазли. И во Чепигово кое е подрачно училиште на ОУ “Круме Волнароски”, во март – април ќе заврши градбата на едно од трите монтажни училишта. Такво училиште ќе има и во Беровци и Галичани, што чини два милиони денари, средства од МОН. |