Локални избори 2013
Кандидатите за градоначалник и листите за 27 советнички места ќе се познати до 16 февруари
На 26-ти јануари започа рокот за собирање на потписи од избирачи за предлагање на листа на кандидат за градоначалник на општината и листи на кандидати за членови на советот на општината и трае до 9 февруари.
До општинската изборна комисија, листите на кандидати за членови на Советот и листата на кандидат за градоначалник на општината, овластените претставници на предлагачите може да се достават најдоцна до 16 февруари.
ОИК по приемот на листата на кандидат, односно листата на кандидати, утврдува дали истата е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик.
Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидати за членови на советот на општината и единствената листа на кандидат за градоначалник, ДИК ќе ја одржи на 24 февруари.
На 4 март започнува изборната кампања и завршува на 22 март. Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице), а сака да гласа за тоа ќе треба да ја извести ОИК, а ќе гласа на 23 март.
Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за општината.
Општинската изборна комисија резултатите ги утврдува според бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидати за членови на советот одделно врз основа на сумираните резултати од избирачките одбори. Утврдувањето на резултатите се врши со Д’Хондтовата формула. По утврдувањето на вкупниот број дадени гласови за секоја листа на кандидати (таканаречена избирачка маса), секоја листа одделно се дели со низот делители 1, 2, 3, 4 итн. сé до бројот на членовите на советот кои се избираат во општината. Количниците од делењето се редат по големина при што релевантни се онолку најголеми количници колку што се избираат членови на советот. Листата на кандидати за членови на советот добива толкав број на советнички места колку што има најголеми количници од бројот на количниците. Ако во доделувањето на последното советничко место се јават два идентични количника, мандатот се доделува со ждрепка. При распределбата на советничките места за избрани се сметаат онолку кандидати колку што места добила листата. Од листата на кандидати за членови на советот се избрани кандидатите наведени во листата според утврдениот редослед.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето односно на 7 април.
СПИСОКОТ НА УВИД ДО 9 ФЕВРУАРИ
Државната изборна комисија известува дека јавниот увид во Избирачкиот список ќе се одвива во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија. Увидот започна на 26 јануари 2013 година и трае до 9 февруари 2013 година. Гласачите можат да проверат дали се наоѓаат на Избирачкиот список секој ден од 08.30 до 19.00 часот со можност за запишување, дополнување или бришење на податоците од Избирачкиот список. Се повикуваат сите полнолетни граѓани кои после 11 јануари 2013 година, извадиле биометриска лична карта или патна исправа да се јават во подрачното одделение и канцеларии на Државната изборна комисија заради проверка и впишување во Избирачкиот список за време додека трае јавниот увид.
По завршувањето на јавниот увид, доколку не поднесат барање, граѓаните нема да имаат право да бидат запишани во Избирачкиот список за Локалните избори 2013.
Проверката гласачите можат да ја вршат и по електронски пат преку ВЕБ страницата на Државната изборна комисија: www.sec.mk во делот Избирачки список.
МЕСТА ЗА ПОЛИТИЧКО РЕКЛАМИРАЊЕ
Во пресрет на локалните избори мнозинството советници дадоа виза за одлуката за определување на местата и условите за истакнување на изборни плакати. Секторот за урбанизам на ЛС ќе утврди бесплатни места за поставување политички плакати за локалните избори, а местата на паноата ќе се утврдат со ждрепка.