Се прикажуваше некогаш еден филм – “Кој тоа таму пее”. Прелистувајќи еден дневен весник, во телевизиската програма, сретнавме дека ќе се прикажувал филм – “Кој тоа таму пее”. Не сме сигурни дали станува збор за истиот филм, но грешката е иста. Српскиот наслов на филмот гласи – “Ко то тамо пева”, а нашиве преведувачи, и тогаш и сега, го превеле буквално и погрешиле. Во македонскиот јазик, веднаш по прашалниот збор треба да дојде глаголот и насловот на филмот треба да гласи – “Кој пее тоа таму” (Ако веќе треба да биде буквално преведено).
Нашиве луѓе, пред се новинарите, воопшто не обрнуваат внимание на ова правило. Примери има многу, но ќе приведеме само еден. Читаме во весник – “Што претседателот Иванов ќе му пренесе на Нимиц”? Меѓу прашалниот збор и глаголот можат да стојат само некои кратки зборчиња. Целата реченица треба да гласи – “Што ќе му пренесе претседателот Иванов на Нимиц”? Како што рековме, меѓу прашалниот збор ШТО и глаголот ПРЕНЕСЕ стојат само кратките зборчиња ЌЕ и МУ.
На билетарницата од Центарот за култура “Марко Цепенков” вниманието ни го привлече едно малечко, убаво напишано плакатче. Тоа беше всушност некакво соопштение. Планинарското друштво “Картуш” ќе одело да ги посети РИЛСКИОТ МАНАСТИР и РОЖДЕНСКИОТ МАНАСТИР. Ова не потсети дека истава грешка некогаш сме ја слушнале на една наша телевизија. Многу се оддалечени меѓу себе селата РОЖДЕН и РОЖЕН. РОЖДЕН е село во Мариово. Таму некаде, во тиквешкиот дел на Мариово. Стале Попов го прослави тоа село преку романот “ Крпен живот”
Сосема е друга работата ако станува збор за РОЖЕНСКИОТ манастир. РОЖЕН е село во Република Бугарија. Во близина на селото се наоѓа односниот манастир. Таму, во близината на манастирот се наоѓа гробот на Јане Сандански. Тоа е причината за чести и масовни посети. Но, чудно е зошто се прави оваа грешка? Зошто се поистоветуваат РОЖДЕН и РОЖЕН. Можеби причината е во тоа што сличноста на двете именки е мошне голема. Сепак најголемата причина е нашето невнимание. Планинарите ќе одат да го посетат местото, а всушност, незнаат каде ќе одат. Мислат дека ќе патуваат во местото кое се вика РОЖДЕН, а тоа е РОЖЕН. Откако го прочитавме ова плакатче, забележавме дека такви плакатчиња има излепено и низ целата чаршија. Значи, дезинформацијата ќе биде уште поголема.
Додека го пишуваме ова, течат вестите на МРТ. Ни го привлече вниманието некој непријатен настан кој се случил во рудникот во Злетово. Повредени биле тројца рудари. За среќа, поминале со лесни повреди и биле пуштени на домашно лекување. Новинарот ни објасни како се случила несреќата. Рударите БУШЕЛЕ некоја карпа и се здобиле со ПОСЕКОТИНИ. Еве вака не извести нашиот омилен ЈАВЕН СЕРВИС. Срамота! Таму има лектори. А и да ги нема, новинарите треба да знаат. Рударите ДУПЧЕЛЕ (не бушеле) некоја карпа и се здобиле со РАСЕЧЕНИЦИ (не посекотини).
Да продолжиме со она што ни беше намерата. Гледавме некаква емисија на некоја од нашите национални телевизии. Не ја следевме емисијата од самиот почеток и затоа не знаевме во какво својство беше човекот што зборуваше. Од контекстот на разговорот разбравме дека станува збор за пчеларството во Македонија. Најверојатно, тоа беше Денот на пчеларите. Објаснува човекот дека на определен простор била организирана продажба на мед и презентација на други пчелни производи. Интересот бил необично голем, како што вели човекот. Учествувале многу пчелари. Тезгите биле КРЦАТИ со мед и со други производи од пчели. Ете, и тој српски збор КРЦАТИ одамна не бевме го чуле. А и не требаше да го чуеме. Не беше доволно ако кажеше господинот дека тезгите биле ПРЕПОЛНИ, ПРЕНАТОВАРЕНИ или којзнае уште како, со некој наш, македонски збор. Но, ете, тој вели дека биле КРЦАТИ.
Еве вака, телевизиските емисии се КРЦАТИ, па дури и ПРЕКРЦАТИ од грешки.
Благоја Ивчески