ЈАВЕН ПРЕВОЗ ЗА 20-30 ДЕНАРИ

До април

Се набавуваат пет автобуси за организиран градски превоз

Субвенции за автобусите за Мариово

Организиран јавен градски превоз со набавка на пет ниски, климатизирани автобуси и со рампи за хендикепирани ќе отпочне да функционира за месец – два низ градов. Според соораќајната студија на ЈП за просторно и урбанистичко планирање, евидентирани се, во првата фаза, две градски траси од север кон југ и од истот кон запад, со неколку десетици постојки на секои 800 до илјада метри. Градските власти за почетната фаза вложуваат шест милиони денари.

Градскиот превоз одамна е нужност, бидејќи градот расте и се шири, а транспортот до центарот и виталните институции со такси превоз е скап не за мал дел од населението. Со градскиот превоз по европски терк градот се доближува до стандардите на европските граѓани.

– Ќе се олесни и ќе поефтини комуникацијата од периферијата до центарот и до здравствените и другите институции. Особен благодет и економичност ќе почувствуваат граѓаните кои масовно купуваат на пазарот во центарот во саботите. Се предвидува и засилувања на автобусите при саботните шпицеви и во утринските и попладневните часови во работните денови. Постојките ќе бидат модерни, за засолнување од невреме и сонце, со прецизни возни редови на електронски табли, но и со ГПС контроли на автобусите – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Погодности за експлоатацијата на градскиот превоз, кој ќе чини за една линија околу 20-30 денари, ќе имаат пензионерите, учениците, студентите и лицата со посебни потреби. Тие ќе уживаат олеснувања за месечните, неделните и дневните билети. Не е исклучено пензионерите во сабота да се превезуваат бесплатно.

Директорот на ЈП за просторно и урбанистичко планирање Бранко Нешкоски вели дека трасите ги вклучуваат и индустриските зони и градските гробишта.

– Една од рутите изнесува околу пет километри со пет – шест постојки. Петте автобуси ќе стасуваат на секои 15 минути. Временското растојание меѓу два автобуси ќе биде десет минути во утринските и попладневните шпицеви. Во наредните фази ќе се набават возила, според сообраќајните профили на улиците, односно автобуси со помали димензии, кои се подостапни за жителите од сите населби. Автобусите ќе сообраќаат од 6 наутро до полноќ. Наплатата на билетите ќе биде полуавтоматска – објаснува Нешкоски.  

За проширувањето на градскиот превоз, Општината проектирала во 2014 година набавка на неколку комби автобуси на електричен погон да се ублажи загадувањето на централното градско подрачје.

Имплементацијата подразбира и подготовка на сообраќајни коридори, при што не е исклучено вклучување на приватните превозници по теркот на јавно приватно партнерство.

Локалната самоуправа ќе ги поврзи со организиран превоз и населените места, како и селата од мариовскиот дел. Се предвидуваат субвенции за превозниците на релациите каде превозот нема економска логика.

Loading