Актерите од театарот “Војдан Чернодрински ќе го “оживуваат” ликот на Итар Пејо. Во соработка со телевизијата Канал 5, наскоро ќе почни снимањето на серија за овој најпознат лик во македонските народни приказни. “Итар Пејо, попот и алвата”, “Итар Пејо и селаните риболовци”, се дел од приказните, кои актерите ќе ги преточат во претстава за гледачите пред малите екрани.
Според легендите Итар Пејо бил обичен сиромашен македонски селанец од Мариово кој се одликувал со итрина, снаодливост и воедно е претставник на македонската шегобијна мудрост. Нема историски потврди за неговото постоење, но ликот опстојува до ден денес. Има голем број записи, каде што Итар Пејо или Итроман Пејо, е главен јунак, а бил често тема и за карикатуристите, но и за хумористите.
За МТВ во 80-те години по сценарио на Миле Неделковски, во режија на Коле Ангеловски биле снимени триесетина приказни. Дел од приказните, кои најмногу ги собирал писателот Стале Попов, се преведени и на странски јазик. Според некои кажувања Итар Пејо навистина постоел и наводно живеел во мариовското село Градешница.
Локалните власти му подигнаа споменик во старата чаршија, зашто граѓаните се сметаат за мудри потомци на итроштините на Пејо.