ЖЕЛБАТА Е “ГОРНИОТ ДОМ”

11 Октомври

Подготовките на второлигашот 11 Октомври стартуваа со неколку новодојдени. Тоа се млади фудбалери на возраста совршена за вклопување со досегашните. Повратник од Швајцарија, со матичен клуб штипска Брегалница е стоперот Ивица Крстевски. Напаѓачот Дарко Петров доаѓа од струмичка Беласица, за врска Владе Милованоски е од Мирче Ацев – Брод, шпицот Мартин Никовиќ и стоперот Бобан Спиркоски се земени од соседот Корзо, додека Бобан Крстески по шест месеци позајмен се враќа од кратовски Силекс.

– Замина само бранителот Филип Мирчески во прволигашот Напредок. Го задржуваме квалитетот од есеноска. Не е лош пласман златната средина. Но треба да се обидеме за пробив нагоре – вели Тони Наумоски, тренерот.

Неколку “регрути” од младинската школа се префрлени кај сениорите. Шансата е за Иле Конески, Христијан Кукески, Антонио Оџаклиески, Игор Даноски. Се соработува со битолскиот прволигаш Пелистер. И оттаму е најавена преселба на надежните, кои не можат да фатат место во силната конкуренција. Битолчани, како години наназад, не можат без Прилеп.

– Формата ќе ја темпираме со силни подготовки. До 7 февруари тренираме на Спортскиот центар, после во Охрид. Осум пријателски, со Миравци, Силекс, Пелистер и други ривали, ќе ја дотераат екипата за висок дострел – истакнува Наумоски.

Loading