Гордана Тошеска, директор на Водостопанство Прилепско поле
Кои се ингеренциите на Водостопанство Прилепско поле и во која законска рамка работите?
По ликвидацијата на Стерна како водостопанско претпријатие се јави потреба за правен субкјект кој би стопанисувал со оваа гранка. Затоа се формира Прилепско поле како јавно правно лице со сопствен буџет кое врши стопанисување, користење, функционирање и контрола на системите за наводнување и одводнување. Како јавно правно лице имаме и позитивни и негативни страни во работењето. Позитивно е што сме независни и работиме според однапред утврден план кој се носи со можностите од буџетот. Негативно е што материјалите за работа, а кои бараат поголема сума пари, не сме во можност сами да ги обезбедиме, па здружено бараме средства од министерството за шумарство и водостопанство.
Како ги одржувате системите?
Дејноста е регулирана со законот за водостопанства, а во општинава тоа вклучува одржување на хидросистемот, браната Прилеп, помалите системи како Волково 1, Волково 2 и примарниот, секундарниот и терцијалниот систем за одводнување на реките Блато, дел од Црна Река, Заградска, Сенокошка, Штавичка, Марулска и сите што гравитираат кон сливот на реката Црна. Под наша ингеренција е системот за наводнување во должина од 400 км и системот за одводнување кој го опфаќа прилепскиот дел на пелагониската котлина. Би го издвоила чистењето на реката Блато која е главен приемник на каналите за одводнување и заштита од поплави. Работите почнаа во јули 2012 година и со министерството е потпишан договор за изведувач на работите. Фирмата Пелагонија е веќе при крај со работите, со останати уште 12 отсто за чистење на речното корито, со што ќе се намали ризикот за поплави на обработливите површини во селата Чепигово, Тројкрсти, Боротино и Пашинорувци.
Ликвидацијата на Стерна како ваш претходник го десеткува возниот парк и машинската опременост? Дали кадарот е доволен за извршување на задачите?
Кога стапив на функцијата директор, Прилепско поле немаше теренски возила, нити лесен автомобил, а нашата работа е теренска. Сî што имавме како оставштина беше еден багер и камион ФАП кои се доста стари. Ланската година набавивме неколку теренски возила Лада Нива и мал багер, погоден за чистење на каналите од вегетација. Кадровски, располагаме со оптимален број на вработени и со минимален број на луѓе го работиме зададеното со искусни работници кои добро ја вршат работата, а некогаш работат колку за двајца или тројца. Во летните периоди се ангажираат и сезонски работници за работа на каналската мрежа и теренски на земјоделските површини.
Наплатата кај секое претпријатие е најтешка работа. Дали има новини?
Одличен потег на Владата е тоа што го поврза давањето на субвенциите за тутунот со подмирени сметки за воден надомест. За илустрација порано процентот на наплата беше 20 отсто, а до декември 2012-та е 60 отсто. Тежнееме да постигнеме целосна покриеност на наплатата, но за тоа е потребно време.
Во каква состојба се наоѓа акумулацијата, односно езерото?
Акумулацијата во моментов има 2,5 милиони м3 вода од можните шест милиони м3. Задоволително е, но зависи од временските услови како што се топењето на снегот и дождовите.
Какви се односите со локалната самоуправа и општинските јавни претпријатија?
Работата која ја врши Прилепско поле е неразделна со локалната самоуправа. Излегуваат во пресрет за експропријација на земјиште и други технички работи, а и односите со градоначалникот се на завидно ниво. Со јавните претпријатија, ја нагласувам соработката со ВиК, за кои планираме заеднички зафат со изградбата на пречистителната станица, старите канали за наводнување од ЗИК повторно да се стават во употреба, затоа што водата ќе биде квалитетна за наводнување. Нужна е градба на неколку акумулации, се разбира таму каде што има реална можност за нивно оптимално користење. Со тоа би се дополнил системот во корист на граѓаните. Можности има, но потребни се доста средства за изработка на главен план и негова реализација. Разговараме со општината за оваа опција.
Колкава површина покрива системот за наводнување и со какви проблеми се среќавате во работата?
Системот за наводнување е предвиден за површина од 2400 хектари, но реална проекција е дека се користи само една половина или 1400 хектари. Тоа се должи на зголемената урбанизација и брзиот раст на градот. Проблем се кражбите на вентилите за наводнување, што се провлекува со години. Тоа не е добро ни за нас, ни за граѓаните, па апелирам да се прекине со таа лоша пракса, оти не можеме да вардиме 4000 вентили постојано. Друг проблем е злоупотребата на водата на сточарите кои го пуштаат вентилот и намерно не го затвораат за да може да се напои стоката. Нема потреба да кажам за проблемот што несовесните граѓани го прават со фрлањето на отпад во одводниот систем, што доведува до негово блокирање.
Кои ви се планирани проекти за годинава?
Со несмалено темпо продолжуваме со чистење на каналите, оставени зараснати четири децении. Во соработка со министерството за шумарство и водостопанство ќе ги смениме вентилите од прекинувачките колектори, кои не се заменети од 1963 година. Ќе го пуштиме каналот во селото Мажучиште да ги опфатиме населените места во системот.
Годинава нема зголемување на цените за услугите.