Читателот Славе Стојаноски (дипломиран економист), се јави во рубриката “Јазичен агол”. Изразува загриженост за неправилната примена на македонскиот јазик. Изразува и скептичност дека тоа може да се подобри. Скромно изјавува дека не е доволно упатен во оваа проблематика и затоа било можно да направел и некакви јазични грешки. Да напоменеме дека во неговиот напис се поткраднуваат некои мали грешки, но општо земено, тој пишува на мошне коректен македонски јазик.
Веднаш ќе кажеме дека ја делиме со него и загриженоста и скептичноста. Но, неговиов напис влева и определен оптимизам. Значи, постојат луѓе кои си го сакаат својот јазик. Луѓе, кои преку јазикот го потврдуваат својот идентитет и идентитетот на својот народ.
За јазичните грешки што ги набројува тој, сме пишувале и порано. Но, ќе се обидеме повторно, накусо, да ги објасниме.
Стојаноски најнапред пишува за погрешното акцентирање. Таа негова забелешка е сосема точна. Ех, да знаете господин Стојаноски колку тегобно се чувствуваме кога слушаме такво испаколичено акцентирање.
За момент, ќе го прекинеме пишувањево.
Токму сега е гостин на една телевизија еден поранешен политичар, поранешен претседател на Парламентот, по професија – универзитетски професор. Пред неговото име стојат кратенките д-р и проф.. А неговото акцентирање! Уф !!! Да му се збурбати на човека во утробата.
А за акцентот во македонскиот јазик постои правило. Кај двосложните и кај тросложните зборови акцентот е на првиот слог. Кај четирисложните и повеќесложните акцентот паѓа на третиот слог ако се брои одназад. Се разбира, секое правило има исклучоци, но основата е таа.
Другата забелешка на читателот е употребата на предлогот – ВО односно – В. Кога треба – ВО, а кога – В? Кога е ВО недела, а кога е В недела?
Сосема накусо! За најблиската мината недела ќе речеме – ВО НЕДЕЛАТА. “ВО НЕДЕЛАТА бев во Скопје”. За најблиската идна недела ќе речеме – В НЕДЕЛА. “В НЕДЕЛА ќе одам во Скопје”. За сите други недели ќе речеме – ВО НЕДЕЛА. “ВО НЕДЕЛА чаршијата не работи”. Значи, секоја недела.
Ако треба да определиме некоја друга недела од годината, тогаш ќе ја поткрепиме со датум или со некои други зборови. На пример: “ВО НЕДЕЛАТА пред Митровден падна слана”. Недоследностите од ваков вид се својствени за скопскиот говор. Овие деформитети ги пласираат скопските телевизии без да водат грижа дали е правилно или не е. За чудо големо, тоа го прифаќаат и локалните телевизии и така вршат силно влијание (погрешно) врз обичните луѓе.
Понатаму, читателот ја подвлекува погрешната употреба на глаголот ЗЕМА. Навистина, тоа е голема грешка што ја слушаме редовно. Сме слушнале ваква реченица: “Разбојникот влегол во домот и ЗЕМАЛ толку и толку пари”. Сме слушнале: “Денеска ЗЕМАВ плата”. Се разбира, така е во скопскиот жаргон. Но, тоа не смее да се употребува од новинарите. Во таквите случаи неопходно е глаголот да биде од свршен вид. Не ЗЕМАЛ, туку ЗЕЛ, не ЗЕМАВ плата, туку ЗЕДОВ плата .
За ваквите грешки често сме се јавувале на лекторите од соодветните телевизии. Некаде пак воопшто и нема лектори. Но, најчудното е тоа што грешките се присутни (и се чести) и таму каде што има лектори и таму каде што нема.
Општо земено, грижата за јазикот е мошне, мошне мала. Грешките се премногу, а главно, тие доаѓаат од Скопје, од скопските телевизии.
А за оние дилеми на читателот дали треба ИЗЛАГАЛ или ИЗЛАЖАЛ и дали треба СНОШТИ или СИНОЌА, ќе кажеме кратко. Допуштени се двете форми. Може ИЗЛАГАЛ (човек што не ја кажал вистината), а може и ИЗЛАЖАЛ. Може СНОШТИ, а може и СИНОЌА.
Но, зар не е поразително она што го слушаме овие денови во целава држава. Ечи Македонија од извиците – ЛОПОВИ, ЛОПОВИ. Не навлегуваме во политичките мотиви, но како никој не се сети дека именката ЛОПОВИ е српска. Имаме ние КРАДЦИ, КРАДЛИВЦИ, КРАДАЧИ, АРАМИИ. Но, еве ние го браниме македонскиот идентитет со туѓи зборови. На чело на колоната транспарент -: МАКЕДОНИЈА НАД СЕ. А скандирањето српско – ЛОПОВИ. И не само тоа – АЛЕ , АЛЕ, АЛЕ! Ако не знае некој, тоа значи – НАПРЕД, НАПРЕД. Епа нека извини нашата кутра Македонија, иако таа е НАД СЕ, ама АЛЕ, АЛЕ поубаво звучи од НАПРЕД, НАПРЕД.
Напред Македонијо! Але, Але, па макар и во ќорсокак.
Благоја Ивчески