Коњановски меѓу тутунарите
Најдобрата тутунска реколта за десет илјади тутунарски семејства
“Привршува откупот на тутунот. Задоволни и тутунарите и откупувачите. Откупени се 98 отсто од количествта тутун во земјава или над 25 илјади тони тутун со просечна цена од 180 денари за килограм”. Вака го оцени годинешниот откуп на тутунот заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски, кој го посети Тутунскиот комбинат и пунктот во Мажучиште.
– За поуспешно земјоделие, треба консолидација на земјишните површини и формирање на земјоделски задруги. Земјоделците ќе станат поконкурентни, ќе ги намалат трошоците. Тоа е европски рецепт, што ќе се применува и кај нас. Законот за земјоделски задруги е во собраниска процедура и за еден месец ќе го имаме како готов производ кој ќе го понудиме понатаму како можен одговор за поуспешен развој на земјоделието – вели Коњановски.
Според проценките ланската берба на тутунот во прилепско “тежи” околу 15 илјади тони. Десетина илјади семејства на тутунарите ќе инкасираат околу 45 милиони евра, плус, се очекуваат, околу 15 милиони евра од субвенциите.
Коњановски потврди дека нема да изостанат стимулациите од едно евро за килограм тутун, кои ќе се платат во законски утврдениот рок.
Анализата на Министертвото ќе покаже дали има простор за олеснување на постапката за добивање бел картон и релаксирање на административно – бирократските проблеми, преку евентуално воведување на “мала гилотина” во процедурата.
Ако во 2011 г. се откупиле само 14 илјади тони тутун, годинава откупните фирми презедоа над 25 илјади тони, што значи откупот се заврши побрзо од ланската година.
– Единствена забелешка ставивме за калото, затоа што е тешко да се одбие од втората класа. За новата реколта предлагаме земјиштето, сопственоста на брачна двојка да не мора да оди на нотар, туку да може да се извади евидентен лист поеднаставно. Има многу бенефити за тие што сакаат да се придружат во задруга, субвенциите се зголемуваат и репроматеријалите ќе бидат многу поефтини за разлика од самостојно одгледување на тутун. Годинава засадени се 1460 хектари, а добиено е просечно 180 килограми од декар, за разлика од 2011 година кога имавме 114 килограми од декар, што значи дека во 2011-та повеќе хектари, а помалку тутун, а сега обратно, што е резултат на едукацијата на тутунарите. Овие 27 илјади тони тутун се должат на трошоците што ги покрива државата, а тоа се негде околу 60 до 70 проценти. До колку ја нема поддршката, производството ќе се намали за половина и ќе се вратиме во 2004-та кога се произведуваше 14 до 15 илјади тони тутун – вели Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Од квалитетот на реколтата задоволен е и генералниот директор на Тутунскиот комбинат, Александар Дерменџиев.
– Откупивме во рамките на планираното. Ако обезбедиме поголем пласман на тутун и ако обезбедиме повеќе средства за откуп в година , ќе се зголеми откупот и во кутии – вели Дерменџиев.
Тој истакна дека пласманот на откупениот тутун е обезбеден со претдоговори.
|
Наскоро Одделение за тутун во Локалната самоуправа ЗАДОВОЛНИ ТУТУНАРИ – УБАВА СЛИКА ЗА ГРАДОТ Со цел едукација и помош на тутунарите како да стигнат до европските пари, во локалната самоуправа ќе се формира Одделение за тутун во рамките на Секторот за локален економски развој. – Оддлението за локален економски развој ќе прерасне во сектор со посебен оддел за унапредување и грижи за тутунот и другите земјоделски култури, односно за поголема едукација на земјоделците за добивање на средства од ИПА фондовите. Околу 15 милиони евра влегуваат во Прилеп со субвенциите. Ги нема грдите слики од пред 7 години со редици за откуп на тутун. Секој тутунопроизводител е горд на сработеното и економскиот бенефит е доказ за квалитетот на откупениот род. Локалната самоуправа нема ингеренција врз тутунопроизводството, сепак обрнуваме големо внимание и редовно комуницираме со министерството за земјоделие, со земјоделските, тутунските здруженија, невладините организации. За прилепчани се празници и живеат за деновите кога тутунарите ги земаат парите од тутунот и субвенциите – вели градоначалникот Марјан Ристески. |
![]()

