Корисни пензионерски дни
Со мониста поситни од ориз создаваат ракотворба за домашни и странски мераклии на сувенири, но и шамивчиња за на оро, англиња за масичка, дури и шамии за муслиманки
Кој би рекол дека поранешен заварувач на метал кој сиот работен век го поминал со искрењето на машината, би работел со ситна мониста и би продавал рачно изработени плетеници, марамчиња, шамии и полувери. Жив пример за тоа е пензионираниот заварувач од претпријатието “Димче Бањарот”, Видан Трајкоски. Заедно со сопругата Темјана, произведуваат марамчиња за на свадби и скоро се сосема од конец.
– Имам 68 години, а од 2005-та сум пензионер. Не можам да седам со скрстени раце низ дома. Постојано трагам по некоја занимација да го исполнам времето. Сопругата до пред две години беше во конфекција, па и таа ми се придружи во третата доба. На идеја на нејзина роднина од Австралија, решивме да изработуваме свилени марамчиња, проткаени со мониста, англиња за на маса, платнени шамии и сî што се прави рачно, со игла – вели Видан.
Во дуото на неуморни пензионери, Видан е набавувачот и продавачот, а Темјана е задолжена за изработката. Видан секој месец ја зема пензијата и го фаќа првиот воз за Скопје, па од Бит – пазар, од постојан добавувач купува платно, свила, мониста, гоблени и сиот потребен материјал за Темјана. Таа пак, кога не е зафатена со чување на малите деца од синот и ќерката, полека и со хируршка смиреност ја зема свилата и од неа создава ракотворби, небаре ремек дела. Кога заминувала во пензија на сите вработени им дала по едно марамче од ченгелајче да ја паметат по арно. Таа вели дека потребно е еден ден за едно марамче, а пак за посложено творештво, како што се шамиите, и ракотворби, недела, а може и повеќе.
– Не се седи без работа. Било што да е, сакам да ми се зафатени рацете. А токму тантелењето на марамчињата и сличните креации, ме правар радосна. Ама нужни се смиреност и нерви од ортоми, оти треба да се внимава на секој детал. Ми треба и место без вознемирување. Англињата ги правам по шема со едно игличе, а после додавам, ако треба и плетка. Омилен ми е конец со крем боја. Гоблените што ги везам, се само за потесната фамилија. На ќерка ми за свадбата и дадов неколку, а таа ми рече дека тоа не се гоблени, туку слики. Тоа ми ја наполни душата – објаснува 63 годишната Темјана, додека го варди двегодишното внуче.
Видан не зема тезга, па да продава. Оди само на празници, на места каде знае дека ќе најде муштерии за “стоката”. Пред да почнат поправките на градскот саат, таму седел и низ муабет со пријателите, продавал нешто на Ромите со кои го делел местото. Тие биле многу мераклии за шамии за нивните невести, а и за рачно изработените марамчиња. Оди и во Трново на средбите на Македонците од Егејска Македонија, во Крушево за Илинден, а во градов за сите празници и манифестации. Најчести муштерии на лето му се нашинците од Австралија и Америка, кои сакаат да однесат преку барата нешто рачно, свое, нешто што ќе ги потсетува на родниот крај. Најмногу ги бараат марамчињата за ороводците за на свадби, а за цена не прашуваат. Купувачи се и повратници од муслиманска вероисповед кои бараат шамии и за празник и за делник. Тие го ценат квалитетот и не се ценкаат за поефтино.
– Од заварувањето ми се влоши видот. Сега имам два чифта наочари, едни препишани од доктор, а другите за поситно гледање во марамчињата и монистата – вели Видан, кого го нервираат пензионерските денови, па кога нема што да прави, ја шпарта чаршијата или заедно со Темјана одат на прошетка до Германските гробишта.
ЉУБОВ КОН ЦВЕЌЕТО Трајкоски од време се мераклии на цвеќиња. Во домашниот двор имаат над сто црепови со најразлични видови флора. Најмногу ги сакаат сарделите, за кои е потребна доста нега. – Цвеќето е како дете. Ако не го пазиш, ништо не бива – вели Темјана која зимава ги прибира сарделите дома на потопло да не ги уништи мразот. |