ПРИМЕРЕН УЧЕНИК СО ДАРБА ЗА ПОЕЗИЈА

Теодора Силјаноска е седмо одделение во ОУ “Гоце Делчев” и не остава нити еден наставник рамнодушен од нејзината дисциплина и волја за учење. Најмногу се покажува во натпреварите по македонски јазик и математика. А и сите предмети меѓу овие дијаметрално спротивни градива í одат “како подмачкано”.

Од шест – седум години, првпат кога научила да пишува, “везе” песнички со љубов и вештина. Постојан учесник е на литературните натпревари “Ракатки”, од детската амбасада “Меѓаши” и општинските натпревари. Ретко се враќа без награди.

По математика оди на натпреварите “Кенгур”, а последен успех í е второто место на натпреварот од клубот Лајонс.

Сега ја има подготвено песната “Утро кај езерото”, за Ракатки, која сигурно ќе í донесе успех.

 

 

УТРО КРАЈ ЕЗЕРОТО

 Ноќ. Седам на старата дрвена клупа пред езерото

 и немо размислувам׃

 Зар сеуште ќе трае ова мое измачување?

 Зар немам право да почувствувам среќа и спокој?

  Јас сум уште еден патник

 кој неуморно талка низ времето со една цел –

 да го најде одговорот на овие прашања.

 Изморена од борбата со самотијата

 достоинствено се предавам

 и си го признавам поразот.

 Се загледувам во езерските пространства –

 во бескрајното езерско катче

 и на момент се навраќам на спомените.

 Одеднаш – немир.

 Облаци го прикрија небото,

 силен ветер го запре мирувањето –

 немирни бранови се тркалаа по синилото.

 Од секаде се слуша само׃ Кап, кап, кап…

 како приспивна песна.

 Нежно ги отворам очите

 понесена од од убавиот звук

 и мирисот на зелените езерски алги.

 Ветрот ме гали по косата.

 Чувствувам. Брановите не престануваат,

 Набргу потонувам во силен сон и се заборавам.

 Мислите ми одлетаа некаде далеку.

 ***

По долго време ги отворам очите.

Запрел дождот, езерото се смирило.

Се појавува Сонцето од зад планините

како кокиче што треба да го најави денот и

низ снегот да се пробие.

Бликна нов ден – нова надеж.

Надежот лежи само во езерските длабочини,

Не вервам во новиот ден –

новото утро крај езерото.

Теодора Силјаноска, седмо одделение

ОУ Гоце Делчев

Ментор׃ Билјана Јагуриноска

Loading