Гимназијалецот Бојан Мирчески, со 17 години, бил најмладиот, а според коментарите од учесниците и еден од најуспешните на глобалниот еднонеделен форум во градот Родос на истоимениот грчки остров. Бил единствен Македонец меѓу претставници од 68 земји од цел свет.
За конкурирањето разбрал од невладината организација каде две години е волонтер. Критериумите за учество биле многу тешки, но не биле пречка за Бојан. Тој кажува дека кратката биографија, обемниот апликационен лист и задолжителниот видео клип од две минути биле на англиски јазик. Бидејќи имал искуство со фотомонтажа, клипот бил одличен. Со апликацијата детално понудил остварливо решение за проблематиката со која се зафатил. Форумот бил организиран од чешка организација, а Грците биле домаќини. Од трите теми – образование, медиуми и политика, му легнало образованието.
– Незаборавно беше искуството од почеток до крај. Првпат патував со авион. Првин се соочив со грчката ксенофобичност, зашто не ми веруваа дека сум дојден со покана. Повикаа дури и полиција. Цели 14 часа бев во терминалот и се чувствував како Том Хенкс од филмот “Терминал”. Ме пуштија кога ја сфатија причината за моето присуство. Немав проблеми со Грците, а и ова што го минав е искуство плус – кажува иницијативниот Бојан.
Се дружел со сите учесници и стекнал контакти кои веќе ги користи преку Скајп и Фејсбук. Чешките организатори го соочиле со грчкиот учесник за прашањето под кое име да биде претставник. По аргументите на Бојан било решено да биде Македонија, а не на ФИРОМ. Гркот останал без зборови и само формално се дружел со него.
– Бевме сместени во хотел со многу базени и времето беше многу топло, иако беше почетокот на ноември. Цимер имав од Замбија. Родос вриеше од разни култури. Агендата беше набиена – предавања, работилници, подготовка на трудот…, ама за сон немаше место, па слободното време го минував со другите учесници, покрај базенот или со прошетки низ градот до зори. Во сеќавање ми остана што застанав на местото од Колосот од Родос, едно од седумте светски чуда. На презентацијата требаше да бидам 15-ти по ред, но Русинката што требаше да настапи прва ја фати трема, па организаторите прашаа кој сака да ја замени. По подолг молк, никој не се пријави и дигнав рака. Прв ја презентирав темата Пеер едуцатион или врсничко учење. Содржината е како меѓусебно учениците може да си помагаат. Критиките за презентацијата беа позитивни, што многу ме израдува – објаснува Бојан.
Трета година е, ама веќе мисли за факултет. Следи политика и тежнее да стане дипломат со образование на словенечки или бугарски факултети за политички науки. Комуникативноста му е силна страна, па како член на НВО “КЛИПС”, им помага на колегите со изработка на веб дизајн. Не сака да се “закопа” во програмирање, без контакти со други луѓе, па затоа тоа го прави по потреба.