Што ќе работат културните институции годинава со поддршка на Министерството за култура
Министерството за култура ги прифати повеќето проекти на прилепските културни институции за 2013 година. Пари ќе се вложуваат за проекти од национален интерес. Поддршката на културата е зголемена за повеќе проценти, со што ќе се почувствува бенефит во сите сфери.
ПРЕТСТАВИ, КОНЦЕРТИ, ИЗЛОЖБИ ВО ЦК,, МАРКО ЦЕПЕНКОВ,,
Во ЦК “Марко Цепенков” се задоволни од прифатената програма од страна на Министерството за култура.
– Ќе добиеме средства за три претстави. Ќе ги подготвиме “Швејк во Втората светска војна” од авторите Ј.Хашек, Е.Пискатор и Б.Брехт, во режија на Мартин Кочовски, “Три варијации на една тема (Игра на љубовта и случајот)” – автор и режија Коле Ангеловски и куклената претстава “Халифот Штрк” од Вилхем Хауф, во режија на Дарко Ковачовски. Од сценско музичката дејност, државата финансиски ќе нé следи за Фестивалот на изворен фолклор на балканските народи, изработка на кореографија на КУД “Моминок”, гостувањето на Македонската филхармонија, концерт на гитара и гудачки квартет, концерт “Музички треперења” со Никола Атанасов на флејта и Христо Христоски – гитара, велигденски концерт на хорот “Свето Благовештение” – источно хорско пеење, како и Вечер на класични бисери. Ќе има и шесто издание на колонијата Дрен како и повеќе самостојни и групни изложби, а со поддршка на Министерството ќе го печатиме и списанието “Стремеж” – вели директорот Тони Чатлески.
“…Цепенков” дополнително ќе ја збогати културната понуда од сопствени средства.
КОНЗЕРВАЦИЈА НА ИКОНИ
Заводот и Музеј ќе добие пари за археолошки истражувања, конзервација на објекти, заштита и ревалоризација на културно наследство, како и за подготовка на елаборати. Ќе се истражуваат локалитетите “Трештена стена” во Мариово и гробниците кај Горно село, ќе се изработуваат копии и макети од локалитетот Стибера, ќе се подготви етнолошка поставка, ќе се спроведе проектот “Школите во музеите или музеите во школите”, ќе се конзервираат осум икони од манастирот Трескавец, како и конзервација на иконата на платно од овој значаен божји храм.
Пари ќе има и за конзервација на среднонеолитското земјено светилиште – локалитетот Врбјанска чука кај селото Славеј, за реконструкција на источниот конак на манастирот Св. Арахангел Михаил и други проекти.
За директорката Гордана Данилоска – Спироска, Министерството покажало слух за реализација на значајните проекти на Завод и Музеј, преку кои се популаризира културата, уметноста и историјата на општината.
ПАРИ ЗА “КУРБАН”
Министерството ќе го поддржи Институтот за старословенска култура со четири проекти, за кои, директорката д-р Ели Луческа вели дека се важни за заштита на духовното и културно наследство.
Ќе се дигитализира археолошката документација од локалитетот Св. Преображение во Зрзе, ќе се вршат истражувања на манастирскиот комплекс Св. Никола во селото Манастир, во Мариово, ќе се валоризира обичајот “Лазарица во Струшко поле” и ќе се изработи елаборат за донесување акт за заштита на обредно обичајниот комплекс “Курбан” во селото Витолиште како духовно културно наследство.
ПАРИ И ЗА ДРУГИ ПРОЕКТИ
Министерството нема да ги заборави МТФ “Војдан Чернодрински” и Фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасоски”. Новинарот и публицист Тренчо Димитриоски ќе ја печати книгата “Камени богови”. Театарска работилница Прилеп ќе го реализира проектот Поетски слим натпревар. Пари ќе има за карневалот “Прочка” и Мариовско мегленските културни средби, за издавање на ЦД “Минајски катавасии”, на Здружението “Св. Јован Кукузел”, за детскиот фестивал “Ѕвездички”, за меѓународниот стрип фестивал во организација на ЦВУ “Визант” и за ликовните работилници на Центарот за современа ликовна уметност.