Во Музејот за тутун
Збирката во Музејот за тутун е збогатена со нови експонати, откупени од приватни колекционери од Германија и од Македонија. Во витрините се наоѓаат морнаричко етуи за џвакање тутун, кутија за цигарети, катер за цигари во длабока резба, изработен од коска од африкански орикс и многу други вредни пронајдоци кои говорат за историјата на употребата на тутунот.
Александар Цветкоски, виш кустос од Музејот, вели дека експонатите од Минхен и Берлин се мошне вредни и квалитетни. Купени се поефтини, иако вистинската цена на чинење била повеќекратно повисока на пазарите.
– Од Германија откупивме и исплативме 163 експонати во 53 откупни броеви. Најстариот е морнаричко етуи за тутун за џвакање од 18 век, а со највисока документаристичка вредност е кутијата за цигарети “Тур – Мак” на турско – македонскиот концерн за цигарети од триесеттите години на 20 век. Парично највредни експонати се катер од коска од орикс со длабока резба, кинеското водено луле за опиум од сребро, чибуци во бидермаер стил, женска табакера со пудриера и кармин, седефна табакера. Од Македонија откупивме 63 експонати. Највредниот е кутија за цигари од Диме Банк од 1878 година, потоа искрилото со масло и со палење на метал со метал, Лула од Петерсон од Даблин, најдобрата ролерка за цигарети Л’оцтогоне, сребрена, единствениот на Балканот вбризгувач за бурмут (направа за шмркање), седефна запалка Фисхер и др. Преку донација добивме бандероли од цигари, пропаганден материјал за лули од почетокот на педесеттите години и семејна табакера за цигарети – раскажува Цветкоски.
Според него, збогатувањето на Музејот со нови предмети се должело на долгорочното планирање и соработка со добавувачите. Сега Музејот го красат околу 4000 предмети кои се нем сведок за едни многу интересни времиња.