Претседателот и главниот тренер на КК Лукас, Ахил Јаков се јави со одговор на демантот од Златко Димоски, тренер на КК Ронин, селектор на јуниорска и сениорска репрезентација за кати. Темата е Државното првенство во училишен спорт, кое се одржа во Кичево.
– Искрено жалам што со мојата изјава сум навредил некого. КК Лукас опстојува во карате федерацијата на Македонија од 2009 година. Исклучиво работи со натпреварувачи од најмала возрасна категорија. Во изјавите што ги давам за клубот значи дека успесите се на помладите пионери до најстарите натпреварувачи – кадети. Клубот нема намера да дава лажни изјави, да придобива успех од нешто што го нема, бидејќи нема јуниори и сениори. Никогаш не сме учествувале во никакви симптоматични дејанија, манипулации и фалсификати. Имаме признанија, општински, републички, балкански, меѓународни трофеи. Како тренер и професор се стремам моите ученици да бидат чесни, искрени и да се надградат како добри спортисти. Немам никакви предрасуди кон другите тренери и клубови, ги почитувам сите, без разлика кој ги тренира. Ги гледам како ривали, со кои ќе се сретнам на борилиштата, а во никој случај во весников – вели Јаков, при тоа потсетувајќи дека во 2009 и 2010 година, двапати со ред од илјадници деца беше избран за престижната награда најдобар професор во Прилеп.