Победа јуниор
Тргна и клубот со најзвучно име – Победа јуниор. Првата прозивка се случи на стадионот “Гоце Делчев”. Настанот сепак е далеку од еуфоријата што се памети од некогаш. Навивачите не губат надеж дека овој тим може да се врати на старите патеки. Седмото место е колку блиску, толку далеку од врвот и спортски е докрај да се води борба, барем за бараж.
Добро е што играчите остануваат. Задржани се безмалку сите најдобри. Заминаа единствено стоперот, битолчанецот Александар Ристевски во Металург и напаѓачот Даниел Карчески во Корзо. Ново лице е Христијан Талевски (21), стопер од Пелистер, кој е на проба. Се планираат подготовки и надвор од градот, но за тој дел на потег е управата. Раководството е фактор број еден и јавноста некако како да го темели оптимизмот на средување организациско и финансиско. Вратата одамна е отворена за големи фирми.
Досега ништо официјално, само поединци шират шпекулации за можни спонзори, така што во неизвесност и исчекување ќе минат првите денови од подготовките на Победа.