ЕКОНОМИСТ Е ЕКСПЕРТ ЗА ХОРТИКУЛТУРА

Земјоделска аптека “Фиталија”

Иако е економист по професија и неговата главна преокупација треба да бидат бројките, Димитар Јанчески е сопственик на земјоделска аптека, а негова преокупација е и хортикултурното уредување на површини. “Цар” е за уредување на трева, а тој кога трева ќе посее небаре “гоблен”, игла до игла. Поранешното седум годишно искуство кое го стекнал како управник на комплексот Беловодица, му помогнало многу да научи за растенијата од професорите од земјоделски факултет, особено од Боро Ристески. По неизвесноста која ја имала фирмата Стерна, се колебал да отвори бутик, но прекрасното уредување на паркот на Микросам, го охрабрило дефинитивно да се заземе со хортикултура и фитозаштита.

Земјоделската аптека “Фиталија” постои скоро девет години, а кај Катната гаража е веќе шест години. Работата е претежно сезонска.

– Вработен е и агроном кој е всушност управител, а јас сум помошник и учам. Сé се учи со желба. На секој препарат има упатство, па ако се интересираш, сé ќе научиш, кои се хербициди, кои се инсектициди, фунгициди… Располагаме со преку 150 препарати. Единствена аптека е со затворен систем, со стакла, кои штитат од отровите. Има и ѓубрива за цвеќињата, семиња за цвеќиња зеленчуци и сите други потребни материјали за земјоделство и сточарство. Дури и алати, саксии, па и ѕвонци за крави, овци, кози, маски – објаснува Јанчески.

Според него, не е лесен бизнисот. Тешко излегува есапот. Нема математика зашто треба да се плати струја, вода, ѓубре, сметководител и за плата да остане.

Од искуството кажува дека порано не смеело да се отвораат вреќите со англиска трева од 50 килограми, кокарот и компир, но сега веќе имало и помали пакувања.

–  Со тутунот има најмногу работа, од препарати за расадот, за  леите, за нивите. Сега мрднува помалку, оти почнува  да се сее расад за пипер, зелка, спанаќ под пластеници – вели Јанчески.

Располагаат и со голем избор на семиња за цвеќиња кои се садат во разни временски периоди од годината. Потрошувачите може да добијат и корисни стручни совети.

 

НАЈГОЛЕМ УКРАСЕН ДВОР Е МИКРОСАМ

Најголемо “хортикултурно дело” на Јанчески било уредувањето на дворот на Микросам пред десет години. Оттогаш, бројни се објектите чиј простор надворешно го освежил и ги раззеленил. 

– Садам трева и украсни дрвца. Тоа ми е посебно задоволство. Многу ме влече природата, оти, ако останев економист, ќе седев во канцеларија. А и борбата за опстанок тера на сé. Ми се раѓаат многу идеи како да направам, како да оформам парк. Уметноста во садењето трева е тоа што треба убава обработка. За да се уреди зелен двор треба прво орање со култиватор, рамнење, чистење, семе, арско ѓубре. На пакувањето со семе пишува дека треба да се фрла на 50 м2, а јас имам свое ефикасно искуство. Затоа каде сум посеал, тревата е како игла до игла, небаре зелен тепих. Но, и на тоа поле има конкуренција, па понекогаш и режам дрвца – објаснува Јанчески.

Одбира и од зимзелените садници, зашто растенијата му се љубов.  

 

Loading