Ех, драга “Петка”, решив да ти напишам неколку реда, затоа што, еве, киниса и второто полугодие од учебната година… Супер беше распустот. Можеше малку снег да има, но не заврна, санките не ги извадивме. Е сега има шанси, ама нема да биде тоа тоа. Што се вели дома не се прибравме. На улица, низ чаршија и се знае на компјутер се отепавме од “висење”. Појдов и до кај баба ми, колку лектирата да ја прочитам на раат. Не беше голема, па, само за три дена, се растревожив. Но, и таму имам другарчиња, а и на телефонот имав, од овој, слободниов интернет.
Почнаа дома моиве да се развикуваа, да ми делат ум, да се фатам за книга со време, оти, еве, за миг ќе стигне крајот на учебната година. И, да ти кажам право, малку ме расположија. Кога се присетив колку голем е распустот ми дојде две смени да одам на училиште побрзо да почне полугодието за да заврши побрзо. Ми се врати желбата за на училиште. Распоредот најден, книгите подготвени. Ако ме држи вака расположението цело второ полугодие, може и одличен да поминам. Си размислувам така, колку добри желби си разменивме за оваа Нова година, што мора на арно да тргне. Ама ме нервира тоа ѕвончето. На пример, наместо да пишти ѕвонче, може некоја песна да ни пуштат, така релаксирано, со ќеф да влегуваме. Не е само до мене, не е само до нас учениците… Ако и наставнициве добро го поминале распустот, сигурно ќе имаат разбирање. Оооо, втора смена сум, што значи ќе спијам човечки до крајот на месецот! Ќе биде, чувствувам, добро второ полугодие. Почнува ракава да ми трпне, што сторив пишување, да привршувам.
Им посакувам на сите ученици многу среќа и успех во второво полугодие. Разбирање со наставниците околу испрашувањата. Да испрашуваат кога ќе си научиме. Да им се погодат на сите лекциите и темите на писмените. Да ги поправат послабите оценки. И што уште… Евентуално статусиве на ФБ да ги пишуваат поинтересни, да може барем нив да ги прочитаме докрај. Поздрав до сите и ај: Среќно второ полугодие!
Искрено од еден ученик