ЧЕЛИЧНА ПИРУЕТА ЗА БРАНИТЕЛИТЕ

Петнаест метри високиот челичен споменик налик на пируета, што ја симболизира  традицијата на непокор и бесконечноста на патриотските чувства на граѓаните, ќе се крене на кружниот тек на булеварот “Гоце Делчев” и улицата “Димо Наредникот”. Монументалното импресивно здание ќе е посветено на сите бранители. Затоа ќе се вика “Прилепски бранители”. Симболиката е обединувањето на храброста на сите генерации прилепчани од пред илинденскиот период, па сé до последните конфликти. Тој е  паметник за луѓето кои несебично застанале на браникот на слободата.

Локалната самоуправа распиша тендер за градба на споменикот. Според проценките, зданието ќе биде готово на почетокот на летото.

– Скулптурата ќе е и паметник за идните генерации. Ќе ја доловува сликата за европски Прилеп и придонесот на градот под Марковите кули за Татковината. Тоа ќе биде модерна креација, а името е избрано поради значајното учество на прилепските бранители и паднатите жртви. Претендираме да е континуитет на споменикот Карпалак, оддалечен околу илјада метри. Грандиозноста се состои не само од величината, туку и од импресивноста на осветлувањето со економични светилки кои ќе ги менуваат боите во временски интервали. Ќе се постават и големи монитори со локални информации да се поврзе уметноста, историјата и практичноста – изјави градоначалникот Марјан Ристески.

– Симболиката е во континуитетот на слободарскиот дух на Прилеп, на непокорноста на предците со векови и на нивните пораки и нивната крв што врие и денес во нашите вени, а ќе буи и во срцата на идните генерации. Сепак е современо решение, кое е метафора на непрекинатоста на давање борци и континиуитетот на јунаштво од овие простори. Низ него се открива бесконечниот либерален ген на населението – објаснува архитектот Бранко Нешкоски.

Градските власти очекуваат впечатливоста на споменикот да влијае и за привлекување туристи.

Loading