БЕЗ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ

Ракомет: РК Филип 107 почна со подготовки

Ракометарките на прволигашот РК Филип 107 стартуваа со подготовките. Тренерите Елизабета Филипоска и Петар Кузманоски на патеките на Могила и во училишните сали сметаат безмалку на истите првотимки од есеноска. Недостасува единствено голманката Билјана Ангелеска, која се повлече. На нејзиното место има шанси да биде ангажирана повратничката од Австрија, Марија Барлакоска.

– Добредојдена е во тимот. Меѓутоа, проблем е сертификатот кој чини 1500 евра – вели Филипоска.

По воспоставената меѓуклупска соработка, освежување на редовите е извесно со неколку девојки од суперлигашот Жито Прилеп. И за нив е од голема полза да го добијат неопходното искуство со врсничките од РК Филип 107. Како “први ластовички” се споменуваат пивотот Емилија Сталеска и бекот Рајне Ѓорѓиоска. Со овој играчки кадар се атакува на место во средината од табелата, што е премија во дебитантската сезона.

– Планираме тренинзи и пријателски средби. Сé зависи од  средствата, кои, за да се обезбедат, мора да се вклучат спонзори – истакнува Филипоска.

На 1 февруари е средба со клубовите во РФМ за да се знае кога ќе стартува пролетниот дел од женската Прва лига.

Loading