В музеј заврши мермерната скулптура од Тополчани
Мермерната скулптура, висока 1,8 метри, пронајдена во темелите на стара црква во селото Тополчани, е значаен археолошки наод, велат инспекторите од Управата за заштита на културното наследство. Женската скулптура од вториот век ќе биде соодветно третирана и презентирана, затоа што е вреден пронајдок.
– Скулптурата е поубава од досега најдените на античкиот археолошки локалитет Стибера. Иако е без глава, римскиот вајар креирал совршени набори, оти се гледа дека располагал со ретка скулпторска дарба – вели инспекторот Звонимир Николовски.
Во следниот период, треба да се изврши рекогностицирање на теренот.
– Треба да се испита дали кај црквата во Тополчани имало некој локалитет или пак можеби скулптурата е донесена од Стибера – вели инспекторот Илчо Бојчевски.
Скулптурата, жителите од Тополчани ја откриле при копање на темелите за возобновување на црквата и го пријавиле артефактот. Првин црковниот одбор не покажувал готовност да ја предаде скулптурата на музејските власти и барал надомест. Полицијата не им го оспорила правото, туку им овозможила на работниците од Заводот и Музеј да ја кренат скулптурата и да ја депонираат на чистење и други соодветни стручни зафати. “Пазарот” не успеал, а жителите не го скршиле законот. Мирно, без отпор, ја предале статуата на музејските работници, најавувајќи преземање на постапка за одобрување на државен надомест за пронајден артефакт, ако за тоа постојат законски основи. Средствата ќе ги искористеле за реконструкцијата на црквата, под чии камени темели ја нашле статуата.
Пред шест – седум години, жител на селото Чепигово откри античка статуа при орање на својата нива, која ја пренесе дома. По неколкунеделни нагодби, државата одреди надомест за статуата да ја преземе и да ја однесе во соодветните институции.
Инаку, во досегашните истражувања на Стибера се откриени бројни мермерни скулптури, статуи и други вредни археолошки наоди. Дел од скулптурите се изложени пред Владата.