Од понеделник
Конечно, љубителите на филмската уметност ќе можат да го проследат премиерно филмот “Трето полувреме”, во режија на Дарко Митревски. Во понеделник стартуваат проекциите на македонскиот кандидат за Оскар од неанглиско јазично подрачје. Секој ден од 20 часот за 100 денари, ќе може да се гледа филмот кој на годинешниот фестивал во Палм Спрингс беше прогласен меѓу најдобрите десет.
“Трето полувреме”, кој светската премиера ја доживеа на фестивалот “Браќа Манаки” во Битола пред неколку месеци, е интересна приказна за љубовта и лојалноста во време на војна, прикажана низ настаните поврзани со фудбалскиот тим “Македонија”. Паралелно се отсликува и љубовната приказна на Ребека, која го избегнала холокаустот и депортацијата во логор. Филмот се темели на вистинската приказна за Нета Коен, која ја раскажуваат актерите Сашко Коцев, Катерина Ивановска, Ричард Самел, Раде Шербеџија, Емил Рубен, Митко Апостоловски и други. Музиката е на Кирил Џајковски.
Во февруари филмот на Митревски ќе биде прикажан и на 63 издание на Берлинскиот филмски фестивал. Претходно премиера имаше во Њујорк и Лос Анџелес во САД.