Ракомет: Жито Прилеп стартуваше
Желба е барем едно финале на домашната сцена
Ракометарките на суперлигашот Жито Прилеп први од спортските клубови стартуваа со подготовки. На располагање е Арената Сонце, која ќе се користи од почеток до крај. Нема потреба да се менува локацијата, затоа што сите потребни услови се обезбедени дома. Се работи со мисли за нов излез во Европа.
– Добро почнавме, според планот. Комбинираме со тренинзи во фитнес салата. Кон крајот на месецов или на почетокот од наредниот, се контролните средби за дотерување на формата – вели Борче Марковски, тренерот.
Професионалниот погон од 15 ракометарки не претрпи големи измени. Нема заминати, а новодојдена е Маја Ивановска од Куманово, 19 годишна, среден бек. Квалитетот е доволен за трето место во првенството, а нешто поголема е шансата во Купот. Во лигата препуштена е фаворитската улога на Металург и Вардар, така што место ќе се бара само во плеј офот, додека во купот со среќа во ждрепката може да се влезе во финалето.
– Задоволна сум од сработеното досега. Посакувам добра форма како лани. Низ добри одбрани во Жито Прилеп, сакам да станам прва голманка во репрезентацијата, каде во спомен е европското и најдобриот меч со Франција – истакнува голманката Дијана Наумоска.
ЖРК Жито Прилеп доби покана за меѓународно гостување, која е потврда за рејтингот и воспоставената соработка со странските клубови. После првите првенствени средби, меѓу кои одложената со Куманово, на 8 март е учеството на силен турнир во организација на ЖРК Милениум од Белград.