СМЕТНАТИ ЕТИКЕТИТЕ ЗА ШАРЛО

По објавувањето на “Зборникот за Методија Шаторов – Шарло -документи и материјали”

Со промовираниот зборник “Методија Шаторов – Шарло – документи и материјали” се исправа неправдата нанесена на овој деец и се расветлува вистината за неговиот слободарски пат – сметаат потомците на Шарло. Посочуваат дека идните генерации ќе знаат дека Шарло дејствувал за Македонија.

– Многу ме болеше кога од прво до четврто одделение, кога наставниците, читајќи реферати велеа: “Шарло беше предавник на македонскиот народ”, а дома постојано се зборуваше дека го дал  животот за Македонија. Од 1990 година излегуваа одредени текстови, а во 2005 година дури се објави зборник од ДНУ со 38 реферати. Сепак, многу значајно е ова издание на Државниот архив на Македонија – вели Илија Димоски – Шаторо, екс градоначалник, еден од потомците на Методија Шаторов – Шарло.

На Димоски, Шарло му бил прадедо. Неговата баба по татко и Методија биле брат и сестра.

Со делегација на ДНУ од Прилеп, водена од претседателот д – р Љубен Попоски отишле и го нашле споменикот на Шарло во Бугарија.

– Го пронајдовме во густата шума во планината крај Пазарџик. Споменикот е висок 25 метри и е на 1630 метри надморска височина. Посветен е на неколкумина починати. На почетокот пишува ,,Методија Шаторов, а под него – “Тука почива херој над хероите”. Се поклонивме и му оддадовме почит – вели Димоски, потенцирајќи дека годинава и во Скопје и во Прилеп ќе се поставуваат споменици на Методија Шаторов – Шарло.

Loading