ШТЕРЈОВСКИ ТРГНА СО 19 ИГРАЧИ

Фудбал: Почнаа и фудбалерите на Корзо

На игралиштето Металец се собраа 19 фудбалери на второлигашот Корзо, пред битолчанецот Зоран Штерјовски. Масовноста на првата прозивка го потенцира сериозниот пристап. Наспроти “отпишувањето”, нагло се менува мислењето за маалскиот клуб и вербата е се пореална за опстанок.

Од новодојдените се појавија Денис Димитриоски (11 Октомври), Нури Рушаноски (Пролетер), Роберт Бошкоски (Партизан Обршани). Даниел Карчески (Победа), Томче Мижоров (Швајцарија), Никола Марковски (Пелистер), Александар Стојанов. Оправдано не се појави само Ѓокшен Лиманов (Беласица). Од “староседелците” го немаше плејмејкерот Роберто Стојковски. Клубот се раздели со 12 мина, од кои поискусни беа Никовиќ, Касниоски, Котески, Ристески, Тошески, С. Тодоровски, Алиоски, Пановски, Ралевски. Во оваа ситуација има место уште за двајца нови во одбраната, стопер и бек.

Додека фудбалерите вредно тренираат, управата прави напори да обезбеди терен за трајно користење. Бргу ќе дојде втората фаза, тест мечевите. Стручниот штаб планира првата контрола да биде наредната сабота. Време има за квалитетни подготовки до мартовските искушенија во борбата за бодови.

Преостанатите прилепски второлигаши не доцнат. Тимот на Победа јуниор се собира в недела на 20 јануари, а екипата на 11 Октомври за среќа ја одбра среда, 23 јануари.

Loading