ПРИЛЕП ЌЕ БИДЕ ГОЛЕМО ГРАДИЛИШТЕ

Илија Карески, раководител за секторот на урбанизам при ЛС

До кој степен е исполнета ланската Програма за вашиот сектор?

Скоро е завршено зацртаното во програмата од 2012 година за секторот за урбанизам. Остануваат 10 отсто кои ќе ги завршиме до февруари годинава. Од тековните работи, обезбедени се 11 милиони денари за поставувување на целосно улично осветлување во градов.

Кои се капиталните проекти планирани за годинава?

Главен е изградбата на пречистителната станица, која е стигната до потпишување на тендерската документација. Се очекува после тоа почеток на градбата. Ќе се градат колектори за фекалната вода, па кејски колектори, кои ќе ги прифаќаат и спроведуваат сите води до пречистителната станица за која се обезбедени средства од 7 милиони евра.

Канализацијата на некои места е проблем подолг период. Што ќе сторите за тоа?

Со буџет од 20 милиони евра од Владата и Светската Банка приоритетна ни е изградбата на канализациона мрежа на улицата Вера Циривири, која за време на дождови се поплавуваше. Истовремено во населбата Тризла, каде живее ромско население, а нема канализација, ќе пристапиме кон изградба зашто нонсенс е во 21 век да се живее во такви услови. Најголем дел од парите, или 14 милиони евра се наменети за изградба на 23 км канализациона мрежа. Акцент ќе биде ставен на улиците кои гравитираат кон ул. Тризла – Штипска, Беровска, Гостиварска и др. Нема да го изоставиме и населението од Канатларци и Големо Коњари, каде првпат ќе изградиме канализациона мрежа со обезбедена финансиска конструкција од 1,1 милион евра. Со тоа ќе се зголеми квалитетот на живот на граѓаните. Тендерите се од министерството за транспорт и врски и се очекува после потпишувањето да почне работата во март.

Што е со влезовите за Прилеп?

Лани започна градбата на авенискиот влез за Прилеп од Скопје. Продолжуваме со првата фаза, до бензинската пумпа на Макпетрол. Очекуваме првата фаза да заврши до август. Без прекин ќе продолжиме со втората фаза до Солидност, за која се спрема документацијата и објавување на тендер. Сиот зафат ќе заврши годинава.     Другиот влез, од бензинската пумпа Салида до ул. Александар Македонски е предвидено да биде изграден по истиот терк како и тој од Скопје, во зависност од околностите.

Како се справувате со тесните грла, опасни по безбедноста во сообраќајот?

До крајот на февруари, ако послужат временските услови, ќе го завршиме кружниот тек кај поштата, а и крстосницата кај Солидност ќе добие кружен тек наместо семафори. Голем зафат, за кој ќе сме задоволни ако стигнеме да ја разработиме документацијата на најавуваниот кружен тек на мостот Табана. Сообраќајот таму е хаотичен, а со кружен тек ќе се реши. Тоа бара доста средства, затоа што треба мостот да се зголеми можеби неколкупати.  Ги решаваме сите црни точки, за зголемена безбедност на граѓаните во сообраќајот.

До каде е инфраструктурата за зоната Прилеп 1 и населбата Градина?

Спецификациите се подготвени и се чека распишување на тендер. Канализационата, уличната и светлосната инфраструктура ќе се вршат постепено. Оставени се коридори за ЕВН кој како монопол е единствено претпријатие кое може да снабдува со нисконапонска струја. Се гради канализација во населбата Градина за индивидуални градби, а постепено се комплетира и инфраструктурата за зоната Прилеп 3, бидејќи е во приватна сопственост.

Ниедна досегашна администрација не пробивала улици. Како течат работите?

Се проби улицата кеј 1 Мај под старата автобуска до ул. Димо Наредникот. Во тек е експропријација на земјиштето на кејската улица што ќе заврши годинава, а ќе продолжува до населбата Бончејца. Ќе се реши горлив проблем за населението и тоа ќе биде една од најдобрите и најубавите сообраќајници во градов.   На ул. Борка Талески отстранет е проблематичниот објект. Заедно со ул. Вера Циривири ќе бидат безбедни артерии за проток на граѓаните на Центарот и населба Рид. Тесно грло е и ул. Димо Наредникот и Архиепископ Доситеј за кое е извршена експропријација и во март ќе се реши. 

Има неколку свлекувања на земјиштето. Како ќе одговорите на тоа?

Продолжуваме со поставување потпорни ѕидови на ул. Благоја Крстески, Пере Тошев, Слобода, Св. Јован Бигорски и др., со што се очекува да се добие стабилност и безбедност на граѓаните и објектите од свлекување на земјиштето.

Дали ќе се затвори Дабнички канал?

Годинава е предвиден зафат за покривање на каналот, зашто не е добро среден урбанистички. Предвидени се на него паркинг места и рекреативни терени. За тоа се очекуваат пари од Светската банка на пролет. Продолжува поставувањето на потпорни кејски ѕидови во долниот тек на градската река, од десната страна. Има проблеми со имотно – правните односи. Со изградбата на колекторот сé ќе дојде на свое место.

Работите и на полето на спортот?

Многу корисен проект за правилен развој на младите во градов е планираната изградба на Атлетски модул со стандардни димензии и ново фудбалско игралиште, во соработка со ФФМ и Агенцијата за млади и спорт. Едниот ќе биде изграден кај економскиот факултет, а другиот кај касарната. Зафатот е голем и затоа го работиме со заеднички средства од ЛС и државниот буџет. За илустрација само вештачката трева чини 200 илјади евра. Ние ќе го изградиме објектот, а агенцијата и ФФМ ќе се грижат за останатото. Иако изгледа скапо, не се штеди на правилниот развој на младите. ЛС поседува целосна документација за изградба и доградба на спортски сали за сите основни и средни училишта. Очекуваме да се завршат салите во ОУ Добре Јованоски, ОУ Кире Гаврилоски – Јане, ОУ Кочо Рацин и ОУ Блаже Конески. Во населбите Канатларци и Големо Коњари ќе се градат повеќенаменски игралишта.

Како се одвива легализацијата на дивоградбите?

Имаме 15 367 барања за легализација од кој 3 555 се решени, а дел чекаат согласност од Советот. Апелирам граѓаните да се обраќаат до приватните геодетски куќи за изработка на елаборат да се легализира објектот. Ако продолжиме со ова темпо на изработка на ДУП – овите, ќе биде полесно да се изработи категоризирање на градежниот реон во ГУП. Предничиме во легализацијата и ќе ја завршиме во законски рок.

За бројните зафати е потребна работна сила?

Справувањето со невработеноста индиректно í е цел на ЛС и Секторот за урбанизам. Со градбата на индустриски зони, со нивна инфраструктура, зони за станбен и деловен простор, работата на новата автобуска станица и транзитниот центар и др., Прилеп во 2013 -та ќе биде големо градилиште. Па за очекување се вработувања на невработените од инвеститорите.

 

ВАЖАТ ИМИЊАТА НА СТАРИТЕ УЛИЦИ

До кога улиците ќе носат две имиња?

По двогодишна изградба на елаборат за централниот регистар за носењето на одлуките на Советот на општината за преименување на улиците, потребно е да се најдат старите одлуки донесени по војната за сегашните имиња на улиците за преку 70 улици да добијат конечно нови имиња. Документите на граѓаните со старите имиња на улиците ќе важат до истекувањето на важноста на документот. Нема дополнителни давачки за граѓаните.       

 

 

Loading