Сред бел ден ограбена ТТК банка во Прилеп
Вооружени маскирани крадци ограбиле 1,5 милиони денари во различни апоени од експозитурата на ТТК банка кај тринаесткатницата и побегнале. При грабежот не е повреден никој од вработените, ниту граѓаните кои се нашле кај шалтерите.
Според портпаролот на СВР Битола Ѓоко Стрезовски, двајца крадци, едниот во фантомка, а другиот завиткан со шал на главата, влегле во банката и со закана од пиштол ги побарале парите од вработените.
– Едниот арамија и дал на преплашената работничка торба да ја наполни со пари. Кога не бил задоволен од пленот, ја скршил вратата и влегол кај сефот. Побарал да го отвори. Алчниот крадец и тоа количество пари не го заситило. Побарал од другата шокирана вработена да го отвори и другиот сеф. Кога ја наполнил торбата, заминале од просториите на банката незабележани од никого без автомобил – објаснува Стрезовски.
Полицијата трага по арамиите, првин со контрола на безбедносните камери.