Такви сме ние. Сé што ќе изградиме, и најубаво да е, ќе го избербатиме со јазична нечистотија.
На Паркот на Револуцијата ги гледаме кафезите со птици. Одејќи по патеката, од левата страна ни го привлече вниманието една мала табличка, завртена на другата страна. Направивме прекршок. Поминавме преку убавата зелена трева да видиме што пишува. И видовме: “НЕ ЈА ГАЗИ ТРЕВАТА”.
Ова потсетува на еден момент од пред 15 години. Неколцина ентузијасти уредиле катче во паркот пред Центарот за култура “Марко Цепенков”. Убаво го направиле. Зелена трева, цвеќенца и некои други фигури. Поминавме тука, а еден од луѓето држи една табличка в раце на која пишува – “Ако си човек…”, и тука ја прекинале реченицата. Прашува како треба – “Ако си човек – не ме гази” или “Ако си човек – не гази ме”? Им го сугериравме второто. Ја прифатија сугестијата.
Но, оние луѓе што ја пишувале табличката во паркот, не знаеле дека не знаат и без да му ја мислат, напишале – “Не ја гази тревата”. А што можеме да разбереме од тој текст? Единствено тоа, дека некој не ја гази тревата, не сака да ја гази. А целта на пишувачот не била таква. Тој сакал да не предупреди да не ја газиме тревата и затоа натписот треба да гласи – “Не гази ја тревата”. Овде станува збор за негиран императив (негиран заповеден начин), но тоа е долга и широка тема. Нема потреба да ја обработуваме. Ќе кажеме само дека реченици со глаголи од И групата не можат да одат вака. На пример – цепи, сечи, свири, гази и многу други. Ако сакаме некому да му наредиме или да го замолиме да не го цепи дрвото ќе речеме – “Не цепи го”, а не “Не го цепи”. Зашто ако речеме – “Не го цепи” ќе се подразбере дека некојси не го цепи дрвото (не сака да го цепи).
Стигнавме и до кафезите со птици. Убаво. Прекрасно. Убави кафези. Необични птици. На кафезите таблички со убаво испишан текст, кој ни дава основни карактеристики за птиците во кафезот.
Сретнавме едни црни коковчиња со бели пувки. Петле и кокошка. Петлето, пее ли пее. Се натпева со петелот (брама) од соседниот кафез. На табличката од кафезот пишува – “Холандска БЕЛОЧУБАСТА кокошка”. Знаеме дека има кокошки со пувки, и гулаби со пувки и канаринци и други птици. БЕЛОЧУБАСТА (придавка) во македонскиот јазик никако не оди. А вака како што е напишана би било погрешно и во српскиот јазик. На српски се пишува ЌУБА, а не ЧУБА. Се знае дека Србите го изговоруваат позвучно овој глас па се слуша како Ч. Наставката АСТ исто така не оди во македонскиот јазик. Кај нас таа гласи ЕСТ (ЕСТА) – каменест (не каменаст), сребренест (не сребренаст) и така натаму. Овде, кај БЕЛОЧУБАСТАТА кокошка е направена повеќеслојна грешка. Ако треба буквално да се преведе од српски, кај нас тоа треба да гласи БЕЛОПУВКЕСТА (не белопувкаста). Може и описно – кокошка со бела ПУВКА. Може и кокошка ПУВКАЛЛИЈА, а дека пувката е бела се гледа, не е потребно да се дообјаснува. Сепак, најдобро е на табличката да стои – “Холандска БЕЛОПУВКЕСТА кокошка”. Но, ете, посетителите (најмногу дечиња) ќе ги гледаат необичните птици и ќе учат како треба да се викаат тие. Ќе се научат дека постои кокошка која е БЕЛОЧУБАСТА.
Како што рековме во почетокот и најубавите градби ќе ги нагрдиме со лош јазик. Еве, се радуваме дека Европската комисија во извештајот за Македонија одново ја враќа во употреба придавката МАКЕДОНСКИ (јазик, народ). А ние ? Кога ќе почнеме ние да ја почитуваме таа придавка? Имаме прекрасна Општинска зграда, а во неа, на информативните табли стои напишано – ПРВИ СПРАТ, ВТОРИ СПРАТ и така натаму. Зар за тука не важи придавката МАКЕДОНСКИ?! А зборот СПРАТ на македонски гласи КАТ.
Ист е случајот и во Здравствениот дом (уредот) и во Болницата. Да не зборуваме за чаршијата, за рекламите, за фирмите.
А придавката МАКЕДОНСКИ важи и за таму. За секаде. Зар во нашите институции не постојат луѓе што го знаат подобро нашиот М А К Е Д О Н С К И О Т јазик?
Ќе има ли најпосле решение за овие проблеми?!
Ќе има ли СПАСИБОГ?
Благоја Ивчески