ЈАЗИКОТ Е НАША ГРИЖА

Почитуван г. Ивчески, редовно ја следам рубриката „Јазичен агол“ и имам најпофални зборови за Вашата заложба за правилна примена на македонскиот литературен јазик во нашето секојдневие. Би сакал во некој нареден број на „ЗЕНИТ“ да дадете коментар за некои зборови, за кои мислам дека неправилно се користат на медиумите и во секојдневието. Да напоменам дека сум по професија економист и да не ми забележите, доколку не сум во право, бидејќи не сум упатен во оваа проблематика. На мислење сум дека секој од нас треба да се грижи за правилна употреба на нашиот литературен јазик, кој претставува важен дел и од идентитетот на секој народ.

Една од главните карактеристики на македонскиот јазик е правилната примена на акцентот, особено на членуваните зборови, на третиот слог од назад, по што мислам дека се разликува нашиот јазик од јазикот во соседните земји и дури би му дал идентитетско значење на оваа карактеристика. Меѓутоа, кога на телевизија слушам, на пример, како Претседателот на државата, сегашниот и скоро сите претходни, потоа универзитетски професори, пратеници и многу други, неправилно ги акцентираат зборовите, останувам разочаран и скептичен дека нешто ќе се промени на овој план.

Претходното како вовед, а подолу ќе наведам неколку зборови за Ваш коментар во Јазичниот агол, со следните примери:

– За некој настан кој ќе се случи на пример идната недела, скоро редовно се применува дека ќе се случи „во недела“, а не „в недела“, што мислам дека е правилно. Може да биде „во недела“ ако се случува секоја недела, на пример, а не и за настан кој ќе се случи еднократно.

– Наш спортист на натпреварот минатата сабота „зема“ три награди, а не се користи зборот „зеде“ три награди, што мислам дека е правилно. Исто така, се користи „зема“, наместо „зел“, на пример, ако известуваме, а не сме присуствувале на настанот. Овој збор „зел“ скоро да е исфрлен од употреба.

– Зборот излага во смисла користел лага, воопшто не се користи, а се користи зборот излажа, што мислам дека се употребува под влијание на српскиот јазик.

– Зборот сношти многу ретко се користи, а мислам дека е поправилен збор отколку зборот синоќа, што е во почеста употреба.

Со почит,

Ваш редовен читател,

Славе Стојаноски, дипл. ек.

Loading