ЃОРЃИЕСКИ ТРЕНИРА ГРЦИ

Пинг – понг

Пингпонгарскиот тренер Кире Ѓорѓиески од ППК Младост 96 е ангажиран во ППК Лерин, Грција. Таму, како единствен стручнак работи со младите категории до 16 години и од нив составува сениорски тим.

– На располагање се прекрасни услови. Убава сала, робот, маси, мрежи, се што е потребно. После два месеца имавме тест – мечеви, на кои забележавме победи над Кожани и Воден. Задоволни се од мојот придонес. Извесен е договор за соработка наредните две години – вели Ѓорѓиески.

ППК Лерин е вклучен во грчкиот лига – систем. Еден е од подобрите клубови во Втората лига, со амбиции за пласман во Првата. Соработува со ППК Младост 96, низ два пријателски натпревари, дома и на гости. Предвидено е збратимување на двата клуба.

– Лесно одат контактите, откако сум таму. Планираме заеднички екипи за настап на најсилните балкански турнири, на пример во Србија, во Белград и Нови Сад – најавува Ѓорѓиески.

Ѓорѓиески е еден од најангажираните во прилепскиот пинг – понг, работејќи со женската и машката екипа на Младост 96.

Loading