АМЕРИКАНЦИ ГО МЕРКААТ ЕУРОКОМПОЗИТ

До средината на април ќе се знае кој и за колку пари ќе го купи Еуркопозит со 380 вработени и два ипол милиони евра долгови 

Две американски фирми од порано фрлиле око да ја купат државната фабриката за наменско производство Еурокомпозит, која е една од четирите големи загубари во земјава. Додека се очекува крајниот рок  во средината на април, на вториот тендер за продажба на фабриката за оружје со околу 380 работници, од кои поголемиот дел се на возраст од околу 53 години, дознавме дека едната американска компанија веќе испратила свој човек на лице место да ја виде техничката кондиција на фабриката и расположивите недвижнини. Првиот пат, компанијата не испратила понуда, иако платила и подигнала тендерска документација, поради нерасчистената имотна состојба на објектите. Затоа овојпат се очекува посериозен пристап.

Првиот човек на Еурокомпозит Никола Лучески вели дека располага со информации од владата за заинтересираност на една американска компанија, која истакнала оти нема да се интересираат додека не видат имотни листови. Според него, уште една друга американска компанија пројавила интерес преку економските промотори.

– Двете фирми го познаваат Еурокомпозит. Биле тука во посета и  имаат информации, ревизорски извештај, технички карактеристики на објектите и тн.  Во тек е постапка за утврдување на сопственоста, односно легализација на објектите и фабричкиот двор. Се надеваме дека оваа пречка ќе ја отстраниме до последниот рок и фирмата ќе биде чиста од тој аспект за привлекување на муштерии – објаснува Лучески.

Од министерството за економија се дознава дека и една фирма од Украина фрлила око на прилепскиот загубар. Една од фирмите барала и полигон за испитување на производството.

– Од Министерството кажуваат дека и Холанѓани се јавувале и прашувале за Еурокомпозит. Заинтересирана е и некоја бугарска фирма – вели Лучески.

Паралелно, се прават напори и успешно се намалуваат дел од старите обврски.

– Има неколку судски процеси за намалување на обврските кон доверителите. Извесно е дека ќе ги добиеме, но е потребно време. Се надеваме дека долговите ќе ги смалиме за околу 500 илјади евра, особено кон една банка, каде фирмата се задолжила во деведесеттите години. Тоа е уште една предност што ќе им ја овозможиме на потенцијалните инвеститори. Сегашните борчови не се реални, туку се помали од два ипол милион евра. Но, така се водат во архивите. Ќе останат додека не се сметнат од грбот со правосилна судска пресуда. Уште еден факт сведочи за создавање на поатрактивен амбиент за стратегискиот инвеститор. Тоа е намалувањето на годините на задржување на вработените. Во тендерот, објавен од Министерството за економија, стои дека купувачот има обврска да ги задржи вработените три години, а во претходниот беше пет години. Почетна цена е 600 илјади евра, плус обврските и вработените. За конкурирање е потребно да се уплатат 10 отсто од почетната цена и потенцијалниот купувач да се претстави – објаснува Лучески.

Тој додава дека ќе се исплатат обрските кон вработените.

– Ќе се платат вработените. Така ќе се редуцира товарот од долгови за идниот сопственик. Кажано со наш јазик, подготвуваме “солиден мираз, да ја дотераме невестата да биде попривлечна, да се даде за што подобар партнер” – кажува Лучески.

Тој е оптимист дека, фирмата што ќе  го купи Еурокомпозит, ќе прави профит, ако има разработени пазари.

– На високо ниво е квалитетот на производите. Технологијата е малку застарена. Со инвестициски интервенции и со постојната опрема, можно е да се реактивира фабриката во полна сила и да стане водечка во оваа област. Не е исклучено да бидат недоволни сегашните 380 работници, туку да се ангажираат и други. Најголема предност е производната програма која бележи раст во светски рамки, покрај светската криза. Тоа е воената опрема која се троши – констатира Лучески.

Еурокомпозит е во тешка состојба. Тежи превработеноста и недостигот работа на Министерствата за одбрана и внатрешни работи. Со Владата се чистат долговите. Државата веќе презеде обврски од 68 милиони денари.

– Значително се намалија обврските. Има уште. Со државна позајмица, претстои ново ослободување од долговите со плаќања – кажува Лучески.

Според него, стандардно е производството за цивилните потреби минативе години. Тоа вреди околу еден милион евра или 30 отсто од вкупната потребна реализација за позитивно работење.

Од халите излегуват делови за многу индустрии и за многу купувачи, за железниците, за електростопанството, за водовод, производство на резервоари под притисок, столбови за антени, столбови за електро индустријата. Фирмата располага и со машински парк за преработка на метали, стругови, вотер џет, галванизација… Или во цивилниот дел, опрема за обработка на перспективните композитни материјали.

Loading